Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше проштална средба со амбасадорот на Грција, Димитрис Јанакакис.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, како и за потенцијалите и можностите за нивно продлабочување по потпишувањето на Договорот од Преспа.
Република Северна Македонија, рекол претседателот Пендаровски на средбата, е посветена на натамошнен развој на билатералните односи со Република Грција во сите сфери од заемен интерес, вклучувајќи ја економската соработка и трговската размена, инфраструктурното поврзување, туризмот, образовната и културна соработка, во функција на градење на добрососедство, засновано на меѓусебна доверба и разбирање.
„Според претседателот Пендаровски, двете земји со постигнувањето на Договорот од Преспа, покрај перспективите за развој на билатералната соработка, дадоа влог и за севкупната стабилност и безбедност во регионот. Претседателот Пендаровски изрази очекување дека по членството на Северна Македонија во НАТО, ќе продолжи поддршката од Грција во однос на аспирациите на земјата за членство во Европската Унија“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.
Тој се заблагодарил за севкупниот дипломатски ангажман на амбасадорот Јанакакис, како прв амбасадор на Република Грција во Република Северна Македонија и претходно како шеф на грчката канцеларија за врски во Скопје.