Пендаровски со новите амбасадори на Шпанија и Кореја- ја цениме нивната улога во критичните моменти од нашата историја

пред 3 години

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кралството Шпанија и на Република Кореја во Република Северна Македонија.

На церемонијата на предавање на акредитивни писма од страна на Хосе Луис Лосано Гарсија, новоименуван амбасадор на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски истакна дека двете земји ги поврзува традиционално и искрено пријателство. Во тој контекст, претседателот Пендаровски рече дека Кралството Шпанија е важен сојузник и партнер на Северна Македонија.

„Пред нас е период на заедничко дефинирање и координирање на активностите, имајќи го предвид нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 и Претседателството на Шпанија со Советот на ЕУ во втората половина на 2023“, рече Пендаровски.

На церемонијата Пендаровски додаде дека како земја ја цениме инволвираноста на Кралството Шпанија во критичните моменти од нашата историја, потенцирајќи ги напорите на шпанскиот Парламент за ратификација на Пристапниот протокол на нашата држава во НАТО во услови на политичка и здравствена криза.

„Благодарност и за досегашната поддршка на Кралството Шпанија во однос на започнувањето на пристапните преговори на Северна Македонија за членство во ЕУ. Верувам дека натамошната блокада поставена од една од земјите членки на Унијата не е од интерес на никого и убеден сум дека почетокот на преговорите, не само што ќе придонесе за натамошно стабилизирање на состојбите на Западен Балкан, туку нам, како држава, ќе ни овозможи побрзо и поефикасно имплементирање на неопходните реформи, особено во сферата на борбата со организираниот криминал и високата корупција“, подвлече Пендаровски.

Амбасадорот Гарсија истакна дека како партнери во НАТО двете земји ги зајакнале и ги збогатиле меѓусебните односи додавајќи дека Шпанија и Северна Македонија припаѓаат на истото европско семејство.

„Нашата взаемна сила како земји партнери во НАТО ни овозможува платформа преку која можеме да ги зајакнеме пријателските врски, но исто така претставува импулс за час поскоро да стане реалност заедничкото членство во Европската Унија. Шпанија, како што и досега беше случај, нема да ги штеди напорите за таа цел да биде остварена“, рече амбасадорот Гарсија.

На церемонијата на предавање на акредитивите од страна на Ли Хо-шик, новоименуван амбасадор на Република Кореја со седиште во Софија, претседателот Пендаровски нагласи дека по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави во 2019 година, постојат бројни можности за збогатување на соработката, како и за меѓусебно запознавање со богатото културно и историско наследство на двата народа.

„Впрочем, во градењето на нашите односи како фундамент ги имаме заедничките вредности како мултилатерализмот, почитување на човековите права, зачувување на животната средина и демократијата, со силен фокус на интегралниот човечки развој“, рече претседателот Пендаровски.

Во таа насока, на средбата двајцата соговорници изразија интерес за унапредување на билатералната соработка во областа на економијата, земјоделството, културата, образованието и спортот.

Пендаровски на новоименуваните амбасадори на Кралството Шпанија, Хосе Луис Лосано Гарсија и на Република Кореја, Ли Хо-шик, им посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.

Share
Scroll to Top