Петровска за случајот во Охрид: Тоа што Сара преживеала не смее да биде изговор за потценување на нападот

Петровска за случајот во Охрид: Тоа што Сара преживеала не смее да биде изговор за потценување на нападот

пред 4 минути

Обвинителството мора да одговори дали побарало притвор. Ако не побарало, зошто? Ако побарало, судот треба да објасни зошто определил други мерки. Кој ја проценил опасноста од повторен напад и како се проверува почитувањето на забраната за приближување и контактирање?

Овие прашања ги поставува пратеничката Славјанка Петровска за постапувањето на институциите во случајот со Сара од Охрид која беше претепана од нејзиното момче и со тешки повреди беше пренесена во болница.

„Сара е во болница. Осомничениот е на слобода. Кој ја гарантира нејзината безбедност? Бесна сум што повторно едно семејство мора јавно да бара заштита, додека нивната ќерка закрепнува од брутално насилство. СВР Охрид поднесе кривична пријава за тешка телесна повреда. Барам одговор: дали се проверени и документирани наводите на семејството дека осомничениот мислел дека Сара е мртва и барал начин да се ослободи од нејзиното тело? Дали се испитани сите околности што би упатувале на обид за убиство?“, вели Петровска.

„Тоа што Сара преживеала не смее да биде изговор за потценување на нападот“, додава пратеничката.

Петровска го повика министерот Панче Тошковски да наложи итна проверка на постапувањето на СВР Охрид и да ги објави резултатите.

„Наводите на семејството за влијание врз постапката и медицинската документација мора да бидат темелно испитани. Дали осомничениот добива повластен третман како син на „локални шерифи“? Дали некој се јавувал, посредувал или вршел притисок? Ако се утврди дека некој ја злоупотребил функцијата за да заштити осомничен, мора да одговара. Без оглед чие дете е и кој стои зад него. На Сара ѝ посакувам сила и закрепнување. Таа и нејзиното семејство не смеат да бидат оставени сами да се грижат за нејзината безбедност. Нема да прифатам одговорноста повторно да исчезне зад зборот „систем“. Зад секоја пријава, проценка и одлука стојат луѓе со име, презиме и надлежност. Барам одговори и постапување сега, додека Сара може да биде заштитена“, вели Петровска.

Текстот Петровска за случајот во Охрид: Тоа што Сара преживеала не смее да биде изговор за потценување на нападот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top