Петрушевски: Раководството на ЕСМ местело тендери и перело милиони евра

Петрушевски: Раководството на ЕСМ местело тендери и перело милиони евра

пред 5 часа

Поранешниот директор на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, Бујар Дардишта, и уште 32 лица се осомничени за перење пари во износ од околу 2 милиони евра, стекнати преку, како што се тврди, наместени тендери вредни околу 8 милиони евра. Ова на прес-конференција го соопшти пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.

Според Петрушевски, криминалното раководство на ЕСМ во 2023 година, под водство на тогашната власт на СДС и ДУИ, наместило јавна набавка за „СКАД ормари – мониторинг ормар со ГСМ контролор за топлинска станица“ за потребите на ЕСМ Дистрибуција. За таа цел, како што наведе, биле договорени две правни лица од Скопје и Куманово да учествуваат на тендерската постапка.

Фирмата од Куманово, според тврдењата, аплицирала со непотполна документација и со повисока цена, додека скопската фирма, која требало да го добие тендерот, понудила речиси идентичен износ со проценетата вредност на јавната набавка, иако таа не била јавно објавена во огласот.

На овој начин, како што обвини Петрушевски, било овозможено правно лице од Скопје да се стекне со противправна имотна корист од речиси 8 милиони евра.

Дополнително, за прикривање на кривичните дела, осомничените пуштиле во оптек, примиле и пренеле финансиски средства во вредност од околу 2 милиони евра, со што, според наводите, сториле кривично дело перење пари.

„Дали ЕСМ била претворена во организирана криминална каса за партиски и лични интереси? Зошто Јавното обвинителство не постапувало навреме и чекало да помине толку долг временски период? Дали осомничените се само извршители, а политичките нарачатели и заштитници сè уште се недопирливи?“, праша Петрушевски.

Тој порача дека времето на неказнивост, како што рече, поминало и дека мора да има правда и одговорност.

Текстот Петрушевски: Раководството на ЕСМ местело тендери и перело милиони евра е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top