По 30 години чекање започна асфалтирањето на булеварот „Борис Трајковски“

По 30 години чекање започна асфалтирањето на булеварот „Борис Трајковски“

пред 1 час

По повеќегодишните најави и одложувања, започна асфалтирањето на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје, соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека довршувањето на булеварот со децении било едно од ветувањата за жителите на овој дел од градот, каде што секојдневно гравитираат повеќе од 100.000 граѓани.

Според него, по решавањето на долгогодишниот проблем со експропријацијата, трасата била ослободена и работите продолжиле со засилено темпо. Нешто повеќе од три месеци по почетокот на активностите, започна поставувањето на првиот слој асфалт.

По завршувањето на едната страна од булеварот, сообраќајот ќе биде пренасочен, по што ќе започне реконструкцијата на другата страна, која исто така ќе добие целосно нов асфалт.

Паралелно со градежните активности била изградена и нова атмосферска канализација, со цел да се обезбеди соодветно одведување на атмосферските води и долгорочно инфраструктурно решение.

„Ова е крај на едно триесетгодишно чекање. Ова е доказ дека кога има волја, работа и одговорност, нема заборавени проекти и нема заборавени граѓани. Ветивме и остваривме“, порача Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека жителите заслужуваат модерна и безбедна патна инфраструктура и најави дека Скопје ќе продолжи да се гради преку конкретни проекти и реализирани решенија.

Текстот По 30 години чекање започна асфалтирањето на булеварот „Борис Трајковски“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top