По 80 години од основањето, крајно време е за жена Генерален секретар на Обединетите нации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на генералната дебата на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк
„Следната година ќе бираме нов Генерален секретар на Обединетите нации. Потребна ни е личност со лидерски вештини, со богато дипломатско искуство, со способност да ги премостува разликите и да гради консензус, но и да биде длабоко хумана и посветена на ранливите. Идниот прв дипломат на светот мора да има многу знаење, трпение и такт. По 80 години од основањето, крајно време е за жена Генерален секретар на Обединетите нации. Во свет доминиран од силни мажи, често со оружје, потребни ни се силни жени со мудрост и емпатија. Верувам дека жените, кои, заедно со децата се најголемите и најбројни жртви на војните, имаат неотуѓиво право и обврска да посегнат по нивна превенција“, рече претседателката.
Таа кажа дека анархичниот меѓународен поредок е закана за сите, а најмногу за малите држави и дека е природно малите и средни држави да бидат најголемите поддржувачи на реформите на Обединети нации.
На крајот на своето обраќање, Сиљановска – Давкова рече дека светот се наоѓа пред голем испит.
„Пред голем испит сме: или ќе го гарантираме меѓународен поредок врз визионерски принципи, или ќе итаме кон катастрофа со несогледливи размери за човештвото. Поранешниот Генерален секретар Даг Хамершелд потсети дека „Обединетите нации не се формирани за да нè однесат во рајот, туку за да нè спасат од пеколот. […] Треба да ги препознаеме Обединетите нации за она што се – навистина несовршен, но неопходен инструмент на нациите во работењето за мирна еволуција кон поправеден и побезбеден светски поредок.“ Да им ја дадеме таа шанса“, рече претседателката.
Текстот По 80 години од основањето, крајно време е за жена Генерален секретар на Обединетите нации, изјави Сиљановска – Давкова е превземен од МАКФАКС.