По денешните протести, Синдикатот на „Македонска пошта“: Надминати се сите проблеми, декемвриската плата е исплатена

По денешните протести, Синдикатот на „Македонска пошта“: Надминати се сите проблеми, декемвриската плата е исплатена

пред 2 часа

Незадоволството на вработените во Македонска Пошта денеска прерасна во организиран протест низ целата држава, а причина за ваквата реакција и револтот на вработените е доцнењето на платата, која до денешниот ден односно до 23-ти Јануари сè уште не им е исплатена, а работниците порачаа дека трпението им е исцрпено, извести Сојуз на синдикатите на Македонија.

Учесниците на протестот најпрво истакнаа дека бараат навремена исплата на заработеното, а наместо одговор добиле молк. Покрај доцнењето на платите, работниците алармираа и за лошите услови за работа нагласувајќи дека дел од објектите се без греење, со недоволна опрема, а во некои простории сè уште има азбест, што претставува опасност за здравјето на сите работници.

„Работиме во услови кои одамна не се достојни за 21 век. Немаме основни услови за работа, а сега и платата ни доцни. Ова е навреда за секој вработен“, велат работниците.

Имено овој протест следува по бојкотот на работата во месец ноември организиран исто така поради задоцнетата исплата на платите. Денешните протести покрај тоа што се организираа поради повторното побивање на сите рокови за исплата на последната плата, истите се одржаа пред објектите на поштенските служби во повеќе градови низ државата, а не само во градот Скопје. Синдикатот ја истакна сериозноста на ситуацијата и потенцијалот за ескалација доколку проблемот не се реши веднаш и најави можен штрајк.

Од вкупно 1.700 вработени, шеесетина отсто работат за минималец, а за напластените проблеми во ова акционерско друштво, кое постојано е во долгови се зборува подолг временски период без да се превземат конкретни активности за подобрување на ситуацијата и без да се слушнат барањата на Синдикатот. Претседателот на Синдикалната организација на Македонска Пошта, Сашо Димитриевски најави дека доколку до средината на следниот месец повторно им доцни платата тие ќе застанат со работа, за што ќе го известат и Управниот одбор.

Тој рече дека идната недела ќе се донесе одлука за натамошните чекори, кои ќе бидат условени и од исплатата на јануарската плата. Доколку раководството и натаму нема слух за нивните барања, како што најави, не е исклучена и можноста за организирање штрајк.

„Денешниот протест е знак на револт на вработените, бидејќи е пробиен законскиот рок за исплата на плати. Ова е трети или четврти месец како ни доцни платата, но овој месец го проби дното, бидејќи денеска сме 23-ти јануари. Овој протест денеска е поради неисплатата на оваа плата, но веќе наредната недела синдикалните организации на Македонска пошта ќе донесат нова одлука до Управниот одбор дека ако наредниот месец не се исплати платата до 15-ти, продолжуваме со протести, што не значи дека нема да има и штрајк“, вели Димитриевски.
Вработените во Пошта, на денешниот протест добија поддршка од Сојузот на синдикатите на Македонија, чиј претседател, Слободан Трендафилов рече дека тие освен плата, бараат и соодветна опрема за работа. Претседателот на ССМ нагласи дека нема работа без плата и дека луѓе блиски до раководството на Пошта им се заканувале на вработените да не излегуваат на протест.

„Овие луѓе се оставени во најдолгиот месец без плата од страна на раководството. Луѓето повеќе од 45 дена се без апсолутно никакви приходи и додека ние се подготвуваме да протестираме за зголемување на платите, овие луѓе протестираат за исплата и на така ниската плата што ја имаат“, реагираше Трендафилов.

Одговарајќи на новинарско прашање, што доколку работниците на Пошта не ја добијат платата денеска, Трендафилов рече дека ССМ ќе ги подржи работниците и дека сите ќе бидат излезени пред поштите и нема да ги вршат работните задачи бидејќи „без плата нема работа“!

„Синдикатот предупредува дека доколку и следната плата не биде исплатена навреме и доколку не бидат слушнати нивните барања, ќе се пристапи кон целосен штрајк на ниво на целата држава. Протестот испраќа јасна порака – трпението на синдикатите и вработените во Македонска Пошта е дојдено до крајот, а институционалната неодговорност повеќе нема да се премолчува.

Македонска пошта соопшти дека го смета за крајно тенденциозно, несериозно и политички мотивирано организирањето штрајк во услови кога платата за сите вработени е веќе обезбедена.

Иако платата на повеќе од 1700 вработени во Македонска пошта не е исплатена со протестот, и 1700 семејства беа оставени без плата и за најголемите празници, раководството на Македонска пошта наместо да исплати плата, лиферува лаги и обвинувања кон синдикатите.

ССМ цврсто застанува позади работниците и синдикатите во нивната борба за исплата на нивната изработена и заработена плата и на раководството му укажува дека трите синдикати во Пошта, дури и партискиот синдикат кој беше формиран под присила, закани и уцени кон работниците, само за да не се бара исплата или зголемување на плата, заеднички го организираа денешниот протест што се потврдува со заедничкото ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ОПШТ ПРОТЕСТ !“, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија.

По денешните протести, Синдикатот на „Македонска пошта“ информираше дека се надминати сите проблеми во врска со исплатата на декемвриската плата и дека веќе таа е намирена кон сите вработени.

Текстот По денешните протести, Синдикатот на „Македонска пошта“: Надминати се сите проблеми, декемвриската плата е исплатена е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top