Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречи обид за нелегален увоз на над 40 тони необележани јајца на граничниот премин Табановце. Станува збор за две пратки со вкупно 572.400 свежи јајца кои потекнуваат од Србија, а крајната цел била тие лажно да се препакуваат и да се продаваат како македонски производи.
Акцијата е резултат на повеќемесечно следење на домашни увозници и извозници. Необележаните јајца биле вешто скриени зад палети со уредно декларирана стока за да се изманипулираат контролните органи.
„Инспекциските служби и Одделението за следење измами со храна на АХВ, во координирана соработка со Царинската управа, минатата недела спречи обид за нелегален увоз на две пратки со неозначени јајца од Република Србија. Врз основа на оперативни сознанија и повеќемесечно професионално следење… на граничниот премин Табановце беше спроведена акција во која при детална контрола се откриени над 572.000 необележани свежи јајца, скриени зад првите палети со уредно декларирана стока“, информираат од АХВ.
Во првиот камион биле пронајдени 270.000, а во вториот 302.400 јајца без никакви ознаки.
Поради неможноста да се утврди потеклото и безбедноста, целата количина од 40 тони и 410 килограми е веќе уништена на депонијата „Дрисла“. Од Агенцијата нагласуваат дека со ова е спречен сериозен ризик за здравјето на потрошувачите.
„Вкупната количина од 40 тони и 410 килограми јајца е прогласена за небезбедна и е нештетно уништена на депонијата Дрисла. АХВ уште еднаш ја потврдува својата клучна улога во заштитата на безбедноста на храната и интересите на граѓаните и домашните производители и останува посветена на бескомпромисна борба против измамите со храна“, додаваат од Агенцијата.
Против фирмите инволвирани во овој случај ќе бидат преземени соодветни законски мерки, а најавени се и вонредни контроли на нивното целокупно досегашно работење.
Текстот Половина милион јајца запленети на Табановце завршија на „Дрисла“ е превземен од МАКФАКС.






