На заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Бугарија во Софија беа презентирани основите, приоритетите и календарот на активностите на работните групи.
Воедно се потпишаа неколку меморандуми за разбирање, програми за соработка и договори.
„Меморандум за разбирање за соработка во областа на земјоделството, аграрните науки, руралните региони и шумското стопанство помеѓу Министерството за земјоделство на Бугарија и Министерството за земјоделство на Северна Македонија потпишаа министрите Иван Иванов и Љупчо Николовски.
Министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за иновации и развој на Бугарија, Даниел Лорер, потпишаа Меморандум за разбирање меѓу Агенцијата за поттикнување на претприемништвото на Северна Македонија и Извршната агенцијата за промоција на малите и средни претпријатија од Бугарија.
Министрите за транспорт и врски на Бугарија Николај С‘бев и на Северна Македонија Благој Бочварски потпишаа Меморандум за либерализација на превозот на стоки за и од трети земји, како и декларација за намалување на цените на роамингот меѓу двете земји.
Министрите Бочварски и С‘бев потпишаа и Меморандум за развој на железничкото поврзување Скопје–Софија преку формирање на заедничка работна група, со цел забрзување на изградбата на железничкиот Коридор 8 и Иницијатива за воспоставување на авиолинија Софија-Скопје“, се наведува во владиното соопштение за заедничката седница која се одржа денеска во Софија.