Почна изградбата на мултифункционалниот центар во општина Аеродром, ќе се одржуваат концерти, претстави и кинопроекции

Почна изградбата на мултифункционалниот центар во општина Аеродром, ќе се одржуваат концерти, претстави и кинопроекции

пред 11 часа

Почна изградбата на мултифункционалниот центар во Општина Аеродром, кој е целосно финансиран од Владата. Премиерот, Христијан Мицкоски, кажа дека овој објект ќе биде додадена вредност во културниот живот не само во Општина Аеродром туку и во Скопје.

„Општина Аеродром генерално беше прилично амбициозна што се однесува до проектите коишто ги финансира Владата и во првиот и во вториот повик некаде околу 15 милиони евра вкупно е сумата на проектите коишто се финансираат од Владата, кога на тоа ќе се додадат и делот од кофинансирањето што го има самата општина доаѓаме до навистина еден силен би рекол инвестициски циклус.

Овој објект којшто денеска направивме увид, преставува навистина нешто коешто ќе е додадена вредност во културниот живот не само во Општина Аеродром туку и во Скопје и ние како влада ова го препознавме и заедно со општината ќе го реализираме и чувствувам дека кога ќе биде сето ова готово и целиот овој облик на ова маало ќе изгледа поинаку сигурен сум дека не само општината туку и скопјани ќе го користат овој мултифункционален центар на културата или културен центар како сакат“, рече Мицкоски.

Од Општина Аеродром велат дека просторот ќе стане современо културно и социјално јадро, каде што жителите ќе можат да уживаат во концерти, театарски претстави, кинопроекции, изложби, конференции и бројни други настани.

Градоначалникот Дејан Митески истакна дека со овој проект, Општина Аеродром за првпат создава современо и инклузивно средиште за култура, креативност и заеднички развој на заедницата.

Реконструкцијата опфаќа уредување на околу 1.500 м², а Општина Аеродром обезбеди 99 милиони денари од јавниот повик на Владата за првата фаза од проектот.

Новото решение предвидува главна сала со над 240 седишта, посебен ред за лица со попреченост, фоаје, бифе, како и едукативни простори и работилници. Ќе биде изграден и лифт, со што центарот ќе биде целосно пристапен за сите граѓани.

Министерот за култура, Зоран Љутков, посочи дека по комплетното уредување, овој нов мултифункционален центар ќе биде ставен на мапата на објекти што ќе бидат вклучени во рамките на Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година.

Текстот Почна изградбата на мултифункционалниот центар во општина Аеродром, ќе се одржуваат концерти, претстави и кинопроекции е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top