Пред Олимпијадата во Париз, најдобрата ракометна судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, кај градоначалникот Ѓорѓиевски

Пред Олимпијадата во Париз, најдобрата ракометна судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, кај градоначалникот Ѓорѓиевски

пред 7 месеци

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес оствари средба со најдобрата македонска и светска ракометна судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

По многуте врвни натпреварувања, од кои меѓу последните се Светското првенство во Шведска во 2022 година, финалето на СП во 2023 година во Унгарија, Шведска и Австрија, како и полуфиналето на ЕП во 2024 година во Германија, своевремено најдобрата судиска двојка во светот во избор на Светската ракометна федерација (ИХФ) летово ќе ја дели правдата на Олимписките игри во Париз.

За Начевски и Николов, ова ќе биде четврта Олимпијада, по Лондон, Рио и Токио. Градоначалникот Ѓорѓиевски им го честита големиот успех за кој тие неодамна од Општина Кисела Вода добија статуетката во форма на клуч, која им се доделува на сите заслужни жители.

„Големо е моето задоволството што и денес прославуваме уште еден успех на оваа светски призната ракометна судиска двојка. Да се суди на Олимпијада, и тоа четврти пат, говори за континуиран квалитет со кој се гордееме сите ние, пред сѐ, жителите на општина Кисела Вода, но и цела Македонија. Од неодамна и официјално ги прогласивме за наши почесни граѓани и се надевам дека листата со успеси ќе продолжат да ја збогатуваат со уште вакви значајни натпреварувања. Како градоначалник на општина Кисела Вода вложувам големи заложби за достоен третман на големите спортски ѕвезди и по официјалното завршување на нивните натпреварувања. Како локална самоуправа се трудиме да го искористиме нивниот потенцијал и тоа најмногу за младите таленти, па така нашите ученици во своите училишта спортуваат со ракометарот Аце Станковски, судијата Славе Николов, како и со поранешниот репрезентативец, ракометарот Кирил Атанасовски“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Текстот Пред Олимпијадата во Париз, најдобрата ракометна судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, кај градоначалникот Ѓорѓиевски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top