Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш

пред 20 часа

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш кој престојува во официјална посета на нашата држава.

На средбата се разговараше за зајакнување на повеќедецениските билатерални односи, интензивирање на економската соработка и продлабочување на соработката меѓу парламентите.

Претседателката изрази благодарност за постојаната поддршка на Турција, нагласувајќи ги пријателските односи и споделувајќи лични и професионални искуства со турски колешки и колеги. Таа се заблагодари за бројните турски проекти и донации во земјава.

Залагајќи се за уште поинтензивни економски односи, претседателката се заложи за иницирање нови инвестиции и зголемување на обемот на трговската размена, стимулирањето на туризмот, како и интензивирањето на образовната и истражувачката академска соработка и размена.

Претседателката посочи дека Турција е и наш докажан сојузник во НАТО, изразувајќи благодарност за сите форми на поддршка, со особен акцент на редовните донации во областа на одбраната, коишто придонесуваат за зајакнување на нашата одбранбена способност.

Претседателката, уште еднаш го честиташе 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, истакнувајќи го значењето на турскиот јазик и култура како дел од македонската мултикултурна ризница и симбол на соживотот меѓу Македонците и Турците.

Претседателот Куртулмуш истакна дека Турција ја препознава нашата држава како искрен и докажан пријател, нагласувајќи го значајниот статус и улогата на турската заедница во неа, што претставува силен доказ за меѓусебната почит и разбирање.

Средбата заврши со обострани заложби за продлабочување на блиските пријателски односи и унапредување на плодната соработка, при што претседателот Куртулмуш со особена чест ја покани Претседателката на официјална посета на Република Турција.

Текстот Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top