Претставата „Ана Карењина“ на Пројковски апсолутен победник на театарски фествал во Србија

пред 3 години

На завршната вечер на театарскиот фестивал „Театарска пролет“ во Шабац, Србија, синоќа (17. април) свечено беше прогласен апсолутниот победник на фестивалот, претставата „Ана Карењина“ според романот на Толстој, во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски, а во продукција на Новосадско Народно Позориште – Нови Сад.

Преставата на Пројковски, еден од најнаградуваните и најпродуктивните македонски театарски режисери на Балканот, ги доби наградите за најдобра претстава во целина, за најдобра режија – Дејан Пројковски, за најдобар актер – Арпад Месарош, за најдобра актерка – Тимеа Филеп.

„Ана Карењина“, која настапуваше во конкуренција со претставите, меѓу другите и на Српско народно позориште – Нови Сад, Ателје 212 – Белград и Београдско народно позориште – Белград, ја оценуваше релевантно жири, во состав Зијах Соколовиќ, Слаѓана Килибарда и Ирфан Менсур.

Наградите на Театарскиот фестивал „Театарска пролет“ се последни во низата од 22-те награди кои овој врвен театарски продукт на Пројковски ги доби во последните две години (премиерно е изведен во ноември 2019 година) во Србија и во странство.

Имено, „Ана Карењина“ ги понесе наградите на сите релевантни фестивали во Србија во изминатите две години, како што се фестивалот на професионални театри на Војводина, „Тврѓава“ фестивал, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање… Актерката Марта Береш, пак, за улогата на Ана Карењина е прогласена и за најдобра актерка во Унгарија.

Со овие награди, „Ана Карењина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште – Нови Сад, а истовремено го вбројува македонскиот режисер Дејан Пројковски во редот на најзначајните театарски режисери на денешнината, не само во Македонија туку во целиот регион.

Share
Scroll to Top