Притвор за разбојник од Дебреште кој влегол во куќа и под закана со пиштол ограбил жена

пред 3 години

Прилепското Основно јавно обвинителство поведе истрага против 34-годишен жител на селото Дебреште, кој е осомничен за кривично дело разбојништво.

Како што информираат од обвинителството, на 16 август, во раните утрински часови, осомничениот се заканил дека непосредно ќе нападне врз животот и телото на друг и со употреба на огнено оружје одзел златни предмети и парични средства.

Тој најпрвин насилно ја отворил влезната врата од семејна куќа во Дебреште, влегол внатре и преку внатрешните скали се упатил на вториот кат.

Со употреба на сила ја отворил вратата од спалната соба која била заклучена и во која спиела една жена, за која од МВР вчера информираа дека била негова снаа.

Од звукот на кршењето на вратата оштетената се разбудила, а осомничениот ѝ вперил пиштол со закана дека ќе ја убие ако не му го даде златото. Веднаш потоа тој започнал да пребарува низ собата и од наткасната одзел три златни прстени и една белезица, а од паричникот кој стоел на наткасната одзел 1.100 денари и 20 швајцарски франци.

Кога излегувал од куќата осомничениот бил пресретнат од друга оштетена која исто така била присутна и го слушнала дека влегол во куќата, но излегла надвор за да побара помош. Осомничениот и нејзе ѝ се заканил со пиштолот, а потоа избегал.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство, да влијае врз сведоците или да го повтори делото, Основниот суд во Прилеп на осомничениот му определил притвор во траење до 30 дена.​​

Share
Scroll to Top