Грижата за здравјето на граѓаните во услови на летните високи температури, е во фокусот на заедничкиот проект „Топлотен бран“, кој Општина Кисела Вода го реализира во соработка со Општинската организација на Црвен крст-Кисела Вода. Проектот се реализира преку Секторот за месна самоуправа при општината.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со претставници од општинската администрација, тимови на Црвениот крст и медицинско лице, на најфреквентните локации, парковите и автобуските постојки низ општината делеа шишиња со ладна вода, со цел да им се олесни движењето на граѓаните кои имаат неодложни обврски на отворено. Истовремено, стручните лица даваат медицинска помош и совети, а по потреба се врши и транспорт на ранливите лица до нивната крајна дестинација.

– Грижата за нашите жители, особено во вакви екстремни временски услови, е наш врвен приоритет. Свесни за опасностите што ги носат високите температури, преку проектот „Топлотен бран“ излеговме на терен за директно да им помогнеме на граѓаните кои мораат да бидат надвор од своите домови. Заедно со нашите докажани партнери од Црвениот крст, обезбедуваме вода за освежување, но и стручна медицинска поддршка и безбеден транспорт за оние на кои им е најпотребно. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат препораките на здравствените институции, да избегнуваат излегување во најтоплите делови од денот и да се грижат за своето здравје, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Текстот Проект „Топлотен бран“ во Кисела Вода: Грижа за граѓаните при високи температури е превземен од МАКФАКС.





