Прометот кај домашните е-трговци пораснал за 135 проценти во 2020 година

пред 4 години

Од започнувањето на пандeмијата со Ковид-19, е-трговијата на глобално ниво забележува значително забрзан раст. И во Република Северна Македонија се забележува значителен раст во бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции и тоа најмногу во трансакциите реализини со домашни картички кон домашни е-трговци, покажала платежната статистика на Народна Банка.

Согласно последните објавени податоци од таму, растот на вредноста на реализирани онлајн трансакции кон домашни интернет продажни места изнесува 135% во 2020 споредено со 2019 година. Во 2020 година реализирани се 178 милиони евра кон домашните е-трговци, од кои 6% или 11 милиони евра се направени со странски картички, додека во 2019 вредноста на реализираните трансакции кон домашните е-трговци изнесувала 75 милиони евра.

Што се однесува до вредноста на реализирани трансакции со домашни картички кон странски е-трговци, истата бележи пад од 54% во 2020 година споредено со 2019 година или во апсолутен износ реализирани се 62 милиони евра во 2020, наспроти 135 милиони евра во 2019 година. Секако, ова е очекувано со оглед на пандемијата и рестрикциите за патувања. Оттука, падот на трансакциите направени кон странски е-трговци во најголема мера може да се каже дека се должи на авио-билети, хотелски сметувања и слично, анализираат надлежните.

Што се однесува до бројот на трансакциите, во текот на 2020 година реализирани биле вкупно 10 милиони онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 6,7 милиони во текот на 2019 година што претставува пораст од 50,1%.

Доколку се погледне вкупната вредност на трансакциите, во 2020 година, Македонците потрошиле 229,5 милиони евра онлајн кон домашни и странски онлајн трговци.

Притоа промена има и во структурата на реализираните трансакции и сѐ повеќе се купува од домашни е-трговци. Споредено со 2019 година кога вкупната вредност на реализирани онлајн трансакции од македонците изнесуваше 169 милиони, растот во 2020 не е значително поголем споредено со растот од претходните години, односно изнесува 35.6%. Меѓутоа, се забележува значајна промена во структурата на реализирани трансакции во 2020 година, односно ако во 2019 од вкупно потрошената вредност само 41% отпаѓаше на домашните е-трговци, во 2020 година кога 73% од вредноста на онлајн трансакциите е реализирана кон домашни е-трговци, сликата е сосема поинаква, упатуваат надлежните.

Share
Scroll to Top