Во мултимедијалниот културен центар „Матица екслузив“ во Скопје, на трети март (четврток) во 12 часот, академиците Витомир Митевски и Катица Ќулавкова ќе ја промовираат книгата „За македонските работи“ од Љупчо Коцарев, актуелен претседател на Македонската академија на науките и уметностите.
На страниците од ова тестаментално дело aвторот застапува есеи, обраќања, беседи и слова, во кои со изострено чувство за критичка опсервација ги анализира македонските состојби. Книгата е составена од четири дела: „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: како понатаму?“, „Предизвици во науката“, „Интервјуа“ и „Македонскиот манифест“. Во аналитичките и студиозни текстови, Коцарев ги поставува прашањата: „Како/Што понатаму?“ и „Кои се нашите предизвици?“, што зборува, од една страна, за неговата загриженост поврзана со повеќедецениската криза во Македонија и, од друга страна, за неговиот обид за изнаоѓање решенија за излез од кризата и за опстојбата на Македонија.
Во предговорот кон изданието, авторот ја искажува и својата скепса за нашето битисување, констатирајќи дека: „По неброено изречените слова и понудените решенија, признавам не сум оптимист. Ќе најдеме ли сили да ја спасиме Македонија од разнебитување? За жал, во моментов, не можам да дадам позитивен одговор. Време е да се обединиме, време е да престанеме да се бориме меѓу себе, туку против корупцијата, дивеењето, алчноста, нечесноста, сервилноста на сите владејачки гарнитури, какви и да биле: леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата“.
Академик Љупчо Коцарев е редовен професор на УКИМ – Скопје и истражувач во рангот на редовен професор на Универзитетот Калифорнија, Сан Диего од 1998 до денес. Бил дел од академскиот тим на Универзитетот Калифорнија (Беркли). Автор е на над двесте научни студии објавени во педесетина списанија во природно-математичките науки, техничко-технолошките, општествените и во хуманистичките науки. Изумител е на шест патенти, одобрени и патентирани во Америка и Европа. Неговите истражувања се финансирани од повеќе научни агенции во Америка, во Европската Унија, во Германија.
Добитник e на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката.
Академик Љупчо Коцарев спаѓа во редот на водечките два проценти светски научници од сите научни области на сите времиња, согласно тимот на Универзитетот Станфорд во САД (2020, 2021).