Реакции за објавата на партијата на Иван Стоилковиќ за смртта на Ратко Младиќ

Реакции за објавата на партијата на Иван Стоилковиќ за смртта на Ратко Младиќ

пред 2 часа

Неколку партии реагираа на објавата на Демократската партија на Србите во Македонија за смртта на хашкиот осуденик Ратко Младиќ.

Од СДСМ велат дека Иван Стоилковиќ, министер во Владата на Северна Македонија, до вчера заменик-премиер, денеска јасно покажал каде му е местото и кои му се вредностите.

„За него босанскиот српски лидер Ратко Младиќ – осуден за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото е величина и херој. За него тој е „негов генерал“ – среде Македонија. Ова е дел од поширока агенда: Вучиќ, руска агенда, кинески инвестиции, воодушевување од Кина… „Српскиот свет“ сега и во форма на почитување на воениот злосторник. Наместо да гледаме кон иднината, кон Европа, кон демократско и просперитетно општество – ние се враќаме во деведесеттите, во политиката на Милошевиќ и војните. Министер во Владата на Мицкоски јавно велича човек осуден за геноцид во Сребреница. Тоа не е ниту личен став, ниту „културна разлика“. Тоа е директна порака: во оваа Влада има место за оние кои ги слават воените злосторници од најмрачните страници на балканската историја“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека најостро го осудуваат овој чин и велат дека за „вакви како Стоилковиќ нема место во ниту една демократска, европска и цивилизирана влада“.

„Мицкоски мора да одговори – дали ова е официјален став на неговата Влада или личен испад на неговиот министер? Граѓаните на Македонија не заслужуваат да имаат министер кој воениот злосторник го нарекува „мој генерал“. Наместо да гледаме кон демократските вредности, иднината, Европа и просперитетот, ние имаме министри во Владата кои ги величаат воените злосторници“, велат од СДСМ.

Реакција стигна и од Странка на демократска акција на Македонија (СДА Македонија). Од таму велат дека Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ), чиј претседател Иван Стоилковиќ е актуелен министер за локална самоуправа во Владата, на социјалните мрежи јавно се простува од Ратко Младиќ претставувајќи го како национален херој.

„Она што загрижува е дека ДПСМ, партија која е дел од власта и државните институции, која има свој министер во Владата на Северна Македонија, која има пратеник во Собранието на Северна Македонија, која има директори во владините институции, преку своите канали за комуникација на социјалните мрежи, осудениот воен злосторник го претставува како национален херој. Исто така, дел од медиумите, оние медиуми на „српскиот свет“ во Северна Македонија, се обидоа преку смртта на Ратко Младиќ да го релативизираат „ликот и делото“ на нивниот „генерал“. Очигледно е дека идеологијата и идејата на монструмот Ратко Младиќ живее во македонското општество, политичките партии, невладините организации и медиумите кои ја спроведуваат идеологијата на „српскиот свет“ во Северна Македонија. Историјата ќе го запамети Ратко Младиќ како воен злосторник осуден на доживотен затвор за најтешките злосторства извршени на европско тло по Втората светска војна, според пресудата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Вистината на која целиот свет сведочеше пред само три децении, не е можно да биде ниту релативизирана, уште помалку сменета“, велат од СДА Македонија.

Велат дека доколку премиерот Христијан Мицкоски, како и првиот вицепремиер Беким Сали, не реагираат на овие ставови на партијата и членовите на ДПСМ, тогаш ќе сметаат дека цела Влада на Р. Северна Македонија ги споделува истите ставови.

„Истото важи за сите политички партии кои се дел од владејачката коалиција, доколку не го осудат величењето на воениот злосторник Ратко Младиќ од страна на нивниот партнер ДПСМ, ќе сметаме дека ги споделуваат истите ставови и кон нив така ќе се поставиме. СДА Македонија ќе даде свој придонес нашето општество да ја порази идеологијата на „српскиот свет“ кои два дена низ медиумите и социјалните мрежи глорифицираат геноцид, воени злосторства, етнички чистења. Ќе ја поразиме идејата на големосрпската пропаганда дека е „херојство“ ако убиваш деца, жени и немоќни цивили“, велат од СДА Македонија.

И ВЛЕН го осудија како што велат „глорифицирањето на воените злосторници“.

„ВЛЕН најостро го осудува секое глорифицирање на четниците, а особено на Ратко Младиќ, осуден за геноцид и други тешки злосторства. Уште позагрижувачки е кога вакви содржини се објавуваат од страна на раководител на институција чија задача е да ги штити правата на Албанците и на другите заедници. Ова не е прашање на лични вкусови или убедувања. Ова е прашање на стандардите на еден јавен функционер и на пораката што институциите им ја испраќаат на граѓаните. ВЛЕН бара итна одговорност. Оној кој не ги почитува жртвите и вредностите на соживотот не може да биде гарант на правата на заедниците“, велат од ВЛЕН.

 

фото/ЕПА

Текстот Реакции за објавата на партијата на Иван Стоилковиќ за смртта на Ратко Младиќ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top