Регионални консултации на УНЕСКО за Европа и за С.Америка за културните политики

пред 3 години

“Сите сме свесни за вистинската моќ на културата, уметноста и културното наследство во зачувувањето на човековата меморија и враќањето на човечкото достоинство и гордост. Освен тоа, знаеме дека културните политики низ вековите можеле да обликуваат историски наративи кои ја доловуваат националната митологија и кои го отелотворуваат идентитетот на земјата. Меѓутоа денешниот свет, кој брзо се менува, сериозно ги предизвикува концептите на културната политика од 20 век”, рече министерката Ирена Стефоска на денешните регионални консултации на УНЕСКО за Европа и за Северна Америка за културните политики што се одржаа онлајн.

Во рамките на својата презентација на тема: „Инвенстирање во културата и креативноста за креирање вработување и социоекономски развој”, Стефоска нагласи дека дефинитивно мораме да дадеме се од себе за да ја промениме лажната перцепција за културата како трошок или луксуз и да ја прикажеме како важна стратегиска инвестиција која носи значителни придобивки за општеството.

Во своето обраќање таа додаде дека токму затоа на 74. Генерално собрание на Обединетите нации, оваа година – 2021 беше прогласена за Меѓународна година на креативна економија за одржлив развој.

“За жал, пандемијата од КОВИД-19 во голема мера ја парализираше креативната економија”, истакна Стефоска.

На настанот претседаваше Нина Обуљен Коржинек, министерка за култура и медиуми на Република Хрватска, а свое излагање имаше и Ернесто Отоне, помошник на генералниот директор на УНЕСКО за култура. На состанокот, учесниците дискутираа и за теми поврзани со: промоција на културната разновидност во дигиталното опкружување и јакнење на статусот на уметниците; заштита и промоција на културното наследство за социјална инклузија, дијалог и мир; јакнење на синергиите меѓу културата и образованието фокусирани на човечки развој и одржливост и регионално и светско партнерство за културата и одржливиот развој.

Регионалните консултации претставуваат подготвителен процес пред Светската конференција на УНЕСКО за културните политики и одржлив развој – Mondiacult 2022, што УНЕСКО, во партнерство со Владата на Мексико, ќе ја реализира од 28 до 30 септември 2022 година.

Share
Scroll to Top