Една година по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Македонија повторно се потсетува на болката што не поминува. За родителите, семејствата и пријателите на загинатите, времето носи долга тишина и празнина.
Таткото на Филип Стевановски кој вечерта настапи со ДНК, професорот Маријан Стевановски, се присети на последниот разговор со својот син.
„Се слушнавме за последен пат на 15.3.2025 во 20:15 часот. Филип беше пред тргнување во Кочани. Една година болка, тишина и празнина што ништо не може да ја надополни. Времето поминува, но тагата и љубовта кон Филип остануваат исти – длабоки и вечни“, напиша тој.
„Филип беше нашата радост, нашата гордост и светлина во животот. Големиот Сенека рекол: „не плачеме заради тоа што некој умрел, туку затоа што го изгубивме оној што го сакавме“. Ние Филип го сакавме премногу и затоа загубата е преголема. Ниту еден момент од животот не поминува без да помислиме на него. Го чуваме во мислите, во спомените, во нашите срца и во љубовта насочена кон него; го чуваме во нас. Филип, ќе ни недостигаш засекогаш. Те сакаме бескрајно и ќе те носиме во нашите срца додека постоиме. Твојата мелодија, твоите дела ќе продолжат да одекнуваат низ вечноста. Ни недостигаш повеќе отколку што зборовите можат да искажат. Почивај во мир, наше дете, ангел наш, те сакаме и ќе те сакаме засекогаш“, напиша таткото.
И таткото на Надица, Александар Наунов, која го загуби животот на само 17 години, ја опиша тишината што останала во домот.
„Ќерко моја, куќата без тебе не е куќа. Тишината без твојата смеа е потешка од секој крик. Секое утро се будам со надеж дека ќе те видам, дека ќе го слушнам твојот глас… но наместо тоа, ја гушкам празнината што остана зад тебе.“
Тој пишува дека една година ја бара својата ќерка „во соништата, во ѕвездите и во секој ветер што ќе помине“.
„Но знај едно, ќерко моја… Ти не си само спомен. Ти си моето срце. Ти си мојата душа.“
Мајката на Ивона, Стојка Иванова Антова, во писмосе присети на денот кога наместо на радост, семејството се соочило со незамислива трагедија.
„Нели се договоривме поинаку? Прво на твојата дипломска… па на свадба… Ти отиде на забава – насмеана, дотерана, среќна… А тебе ни те вратија во ковчег.“
„Една година како дишеме, а не живееме. Година полна со солзи, празнина и болка. Живот без тебе – не е живот.“
Мајката испраќа и порака дека семејствата нема да се откажат од борбата за правда.
„Ќе се бориме до последниот здив за правдата. За тебе. За сите невини деца.“
Текстот Родителите на загинатите во Кочани со писма што ја расплакаа Македонија: „Нели се договоривме поинаку? Прво на твојата дипломска… па на свадба“ е превземен од МАКФАКС.






