Родителите на загинатите деца во „Пулс“: Со над 200 предложени сведоци се одолговлекува судењето

Родителите на загинатите деца во „Пулс“: Со над 200 предложени сведоци се одолговлекува судењето

пред 32 минути

Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ стравуваат дека големиот број сведоци предложени од одбраната може дополнително да го продолжи судскиот процес и да го оддалечи моментот кога ќе добијат правда за своите најблиски.

Тие изразуваат незадоволство од текот на постапката, особено од однесувањето на дел од адвокатите на обвинетите.

Одбраната предложи повеќе од 200 сведоци, иако во текот на постапката дел од предлозите биле повлечени. Родителите сметаат дека ваквиот пристап може да доведе до непотребно одолговлекување на судењето.

На прашањето дали сметаат дека големиот број сведоци се предлага со цел да се добие време, одговорија:

„Точно, само за тоа. Се одолговлекува и се разводнува целата ситуација“.

Родителите посочуваат дека секое ново рочиште претставува дополнителен психички товар. Постојаните патувања од Кочани до Скопје, следењето на сведочењата и повторното соочување со деталите од трагедијата, како што велат, дополнително ја продлабочуваат нивната болка.

Особено се разочарани од однесувањето на дел од адвокатите, за кои сметаат дека не покажуваат доволно почит кон семејствата на загинатите.

„Никој не нè прашува како преживуваме секое рочиште, како ни е претходниот ден и како се чувствуваме кога одиме на судење“, велат родителите.

Од друга страна, Александар Наунов оценил дека досегашното темпо на судењето е интензивно, со приближно едно рочиште неделно, и изразил надеж дека во наредниот период ќе се закажуваат и повеќе термини.

Семејствата нагласуваат дека не бараат ограничување на правата на обвинетите, туку судскиот процес да се одвива во разумен рок и одлуката да биде донесена врз основа на доказите.

И покрај физичката и психичката исцрпеност, порачуваат дека нема да се откажат од барањето да се утврди одговорноста за трагедијата во која загинаа нивните најблиски.

Трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година, околу 2:35 часот по полноќ, за време на настап на групата ДНК. Во пожарот животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Несреќата отвори сериозни прашања за безбедноста на објектот, неговото работење, издавањето дозволи и одговорноста на институциите што требало да вршат контрола.

Во пожарот, предизвикан од искри од пиротехничките средства активирани за време на настапот, огнот брзо се проширил на таванот на објектот. Според обвинението, дискотеката работела без исполнети минимални технички услови, со неправилности во документацијата и реконструкциите и без соодветен систем за противпожарна заштита. Во објектот имало повеќе гости од дозволениот капацитет, а евакуацијата била отежната и поради тесниот излез.

Судењето за трагедијата започна на 19 ноември 2025 година во Основниот кривичен суд во Скопје, а на обвинителната клупа седнаа 34 физички и три правни лица.

Обвинителството ги гони за тешки дела против општата сигурност, односно за дејствија и пропусти со кои, според обвинението, придонеле за трагедијата. Во меѓувреме, се води и посебна постапка против полициски службеници поврзана со контролите на објектот.

Текстот Родителите на загинатите деца во „Пулс“: Со над 200 предложени сведоци се одолговлекува судењето е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top