Русковска достави изменето обвинение за предметот „Организатори на 27 април“

пред 3 години

Обвинителката Вилма Русковска достави изменето обвинение за предметот „Организатори на 27 април“, пред завршните зборови. Русковска одново го читаше пред обвинетите обвинението, кое овојпат е променето. Адвокатите на обвинетите бараа пауза за да судот се запознае со измените, а адвокатот Дончо Наков посочи дека не може да се продолжи со давање завршни зборови бидејќи за изменетите дејства, обвинетите треба да дадат докази со кои ќе се бранат.

„Обвинителството изврши мали измени во изреката на обвинението и сакам да го информирам судот, но и јавноста, дека овие измени беа готови пред повеќе од 10 дена и бранителите на обвинетите беа повикани да дојдат да земат примерок, но единствено дојде колегата Александар Новаковски. Другите, изјавија дека сакаат да ги примат преку судот. Обвинителството има доволно примероци, па го замолила судот, бидејќи така инсистираат бранителите, да им ги даде“, рече Русковска.

Адвокатот Дончо Наков, бараше да судењето да не продолжи со давање на завршни зборови.

„Постојат мали измени во на обвинителниот акт кажа обвинителката. Поднесокот кој го добивме е без деловоден број и потпис, а влегувате во фаза на давање на завршни зборови. Според мене, ако постои измена на обвинителен акт, тогаш во таа фаза треба обвинетите да се произнесат за измените, а за нив да достават докази и да се произнесат за вина. Според мене и колегите, ако се сложат, позицијата не дозволува да се продолжи со давање на зборови на колешката или да го прочита, за да знаеме што е измената на обвинителниот акт. Доколку измените кои ги добивме се однесуваат на нови дејствија на извршување, одбраната смета дека правото на одбрана и правото да се дадат контра докази за обвинетите да се бранат за изменетите дејства на извршување, е право на кое судот треба да внимава“, рече Наков.

Во овој предмет обвинети се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски. Им се суди за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошкоски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни за органите на прогонот.

Share
Scroll to Top