Пред магистрантите и докторантите на Факултетот за безбедност-Скопје денеска се обрати проректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ проф. д-р Марјан Ѓуровски со што се означи почетокот на новата академска година на студиите по втор и трет циклус.
Поздравувачки ги студнетите во име на Ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ проф. д-р Сашо Коруновски, од страна на Ѓуровски беше изнесена информацијата дека Универзитетот „Св.Климент Охридски“ подготвил посебна стратегија за реализација на наставата во услови на пандемија, преку хибриден модел на пристап и во најголемиот дел онлајн работење на прв, втор и трет циклус на студии, со уверување дека Универзитетот ќе одговори успешно во совладувањето на наставните содржини и практики и при тоа ќе го заштити здравјето на студентите, професорите и административниот кадар.
„Конечно поради пандемијата, уверен сум дека многумина ќе размислат за значењето на високото образование и насушната потребата од некои професии во државата- доктор, информатичар, но и припадник на полицијата, армијата, разузнавачката заедница и др. Меѓу другото, пандемијата покажа дека по медицинските и информатичките науки, науката за безбедност и управување со кризи се иднината на светот, а вие сте направиле вистински чекор, затоа што технологијата го движи светот, но безбедноста го чува светот и државата од нови ризици и закани, а со тоа и човековото живеење и секојдневно битисување“, нагласи проректорот Ѓуровски.
„Преку школувањето вложувајте во себе, зошто и требате на татковина, на вашите роднини, другари и пријатели! Да си помогнеме самите на себе!“, додаде тој.
Според него, високото образование треба да биде меѓу првите три високи приоритети во јавните политики, кај ресорното Министерство за образование и наука, и потоа заеднички да се работи на имплементација на целите и задачите преку поголема финансиска инјекција од државата за студентскиот стандард, за следење на настава и сместување, факултетите, професорскиот кадар, негово подмладување како и научните и стручни истражувања во кои треба во подоцнежните студиски години да има место заедно да работиме.
„Културата на конкурентност е слаба точка во нашето општество, и клучниот елемент за нејзино градење во нашата држава е интернационализацијата на поединците и институциите која може да се добие преку Еразмус плус програмата на Универзитетот. Еразмус плус програмата искристете ја веднаш по завршувањето на првата година од Вашето студирање. Најпосакуваното сценарио е образовните институции да станат мрежи во општеството, да бидат заедници на наставата, науката, практика, да бидат најпосакуваните место во општеството, најпосакуваните места во локалната средина. За такви институции, се потребни луѓе со поинаков поглед на иднината. Се потребни примери, како што денес се случува тука и од вас треба да произлезат“, заклучи проректорот Ѓуровски.
На свечениот прв академски час на втор и трет циклус на студии на Факултетот за безбедност-Скопје говореше и Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф.д-р Никола Дујовски и раководителите на студии.
Свеченоста која се реализираше на отворено со целосна примена на протоколите за заштита, заврши со поделба на студентите индекси.