ВМРО-ДПМНЕ, предводена од губитникот Христијан Мицкоски продолжува да пласира невистини и лаги со кои нанесува штета на националните интереси и ги поткопува државните позиции, велат од СДСМ, откако од опозициската партија денеска предупредија дека со Софија се водат тајни разговори и ги повикаа граѓаните будно да ја следат ситуацијата.
Од СДСМ порачуваат дека ваквите изјави се неточни и додаваат дека вистина е оти за македонскиот јазик и идентитет ниту се разговарало, ниту ќе се разговара.
„Не е првпат вака да лажат од белиот дворец. Мицкоски минатата година јавно лажеше дека во Софија ни се распарчувала државата, нешто што се покажа како лага за која Мицкоски не се извини. Нашиот став е јасен, разбран и поддржан од граѓаните, како и од пошироката меѓународна заедница“, се наведува во партиската реакција.
Во неа се додава дека ВМРО-ДПМНЕ се лаже ако мисли дека со рушење на државните позиции и минирање на дипломатските процеси ќе добие политички поени.