Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе вкупно 82 амандмани на предложените законски решенија за судската и јавнообвинителската служба, по, како што наведуваат, темелна анализа и консултации со синдикатите и претставниците на правосудните служби.
Според партиското соопштение, амандманите се поделени во неколку категории:
– 55 амандмани се однесуваат на Законот за судска служба;
– 27 амандмани се поднесени за Законот за јавнообвинителска служба;
– 19 амандмани ќе бидат поднесени како комисиски.
„Предлог измените се резултат на сериозни укажувања од стручната јавност и синдикалните претставници, кои јасно предупредуваат дека предложените решенија во сегашна форма во Предлог законите ја загрозуваат независноста на судството и значително ја влошуваат положбата на вработените во правосудниот систем. Пратеничката група на СДСМ и коалицијата јасно укажува дека овие служби не смеат да бидат игнорирани, бидејќи токму тие се носители на секојдневното функционирање на правосудниот систем и најдобро ги познаваат реалните предизвици во праксата. Се упатува јасен повик до сите пратеници во Собранието да ги поддржат предложените амандмани, со цел да се обезбеди фер, функционално и независно судство, како и достоинствени услови за работа на судските и јавнообвинителските службеници“, велат од СДСМ.
Од таму предупредуваат дека, доколку овие амандмани не бидат прифатени, постои сериозно предупредување дека судската служба ќе биде вратена две децении наназад, со ризик од институционален хаос, дополнително ослабување на системот и забрзан одлив на веќе недоволниот стручен кадар.
„Затоа, повикот е јасен да се слушне гласот на стручната служба и да се заштити независноста и достоинството на судската и јавнообвинителската служба“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Текстот СДСМ поднесе 82 амандмани за законите за судска и јавнообвинителска служба е превземен од МАКФАКС.






