Министерката за финансии Гордана Кочоска призна дека во буџетот нема пари. Целиот планиран годишен буџетски дефицит е потрошен уште во првите шест месеци од годината, велат од СДСМ.
„Со најавениот ребаланс, Владата планира дополнително да го зголеми дефицитот, и покрај претходните ветувања дека ќе го намалува. Ова не е изненадување. Тоа е директна потврда на она што СДСМ го предупредуваше уште од почетокот на мандатот на оваа Влада. Граѓаните најдобро знаат какво е вистинското состојба на економијата. Доволно е да погледнат во своите паричници и фрижидери. Таму не се гледа „трета економија во Европа“, туку раст на трошоците за живот, пад на куповната моќ и сè поголема загриженост за иднината“, велат од опозицијата.
Додека власта зборува за рекорди и успеси, додаваат од таму, буџетскиот дефицит расте, државата се задолжува се повеќе, а реформската агенда касни.
Истовремено, велат од СДСМ, поради застојот во европските интеграции и намерната изолација на земјата, се пропуштаат развојни можности, инвестиции и средства кои би можеле да ѝ помогнат на економијата и на граѓаните.
„Јавниот долг, кој Владата ветуваше дека ќе го намалува, за две години е зголемен за над 2,5 милијарди евра и се зголемува на 11 милијарди евра. Парите не отидоа за повисоки плати, за мерки за граѓаните и компаниите, ниту за капитални инвестиции. Тие завршија во криминалните партиски тендери на ВМРО. По две години на триумфални изјави за економски раст, вистината е јасна и видлива: со Мицкоски и ВМРО, економијата се движи кон колапс. Наместо одговорна фискална политика, граѓаните добиваат нови задолжувања кои ќе ги плаќаат преку повисоки камати, даноци и поскапи услуги. СДСМ уште еднаш предупредува: оваа Влада нема план за економски развој. Има само план за трошење и задолжување. Граѓаните не заслужуваат да плаќаат цена за нивната финансиска неодговорност и за политиката на изолација која ја турка Македонија назад. Оваа влада нема ниту проевропска ниту развојна економска политика. Наместо за граѓаните, таа работи за криминални тендери, партиски интереси и привилегирани поединци“, велат од СДСМ.
Текстот СДСМ: Со најавениот ребаланс, Владата планира дополнително да го зголеми дефицитот е превземен од МАКФАКС.





