По информациите дека повеќе од 2600 примерока од Правописот на македонскиот јазик (второ издание, 2017 година) седум години се чувале во несоодветни услови во просториите на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, политичката партија Левица повика на одговорснот.
Скандалот го обелодени актуелниот директор на НУБ – Скопје, така што Секторот за култура при Левица бара одговорност од сите претходни директори на Установата, кои несовесно работеле и ја затаиле некомплетната реализација на проектот: Сенка Наумовска (2017-2018), Фримзим Даути (2018-2021), Јелисавета Костадинова (2021-2022) и Раметула Куќи (2022-2024).
Бидејќи публикувањето на второто издание на Правописот и неговата понатамошна дистрибуција се дел од проект од национален интерес, финансиран од Министерството за култура, партијата бара одговорност и од министрите за култура, чиј проект останал да гние, а за кој била одобрена милионска сума.
Од тука прашуваат кој од Министерството за култура вршел евалуација и мониторинг на проектот, колку Министерството се базира само на наративни извештаи без да излезе на терен и да направи увид во наменското трошење на милионските суми доделени по основ на проекти. Прашуваат и дали ова е потврда плус дека дел од извештаите за реализираните проекти во различните области се фиктивни.
Инаку, наспроти несоодветно истретираните над 2600 примерока, според моменталната евиденција во базата, македонските библиотеки располагаат со само 11 примерока на ниво на Македонија и тоа: по 2 примерока се чуваат во библиотеките во Виница, Тетово и Куманово, еден примерок што не е за зајмување има во Библиотеката во Пехчево, еден примерок што не е за зајмување има на Филолошкиот факултет во Скопје и 3 примерока се чуваат во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Претходно вчера беше објавено дека по иницијатива на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во соработка со НУБ ,,Св. Климент Охридски” – Скопје, почнува акција за дистрибуција на примероци од „Правописот на македонскиот јазик“ во сите основни училишта низ државата. Акцијата следи откако во депоата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје беа откриени 2600 примероци од второто издание на Правописот, кои цели седум години не биле дистрибуирани и биле чувани во несоодветни услови, иако првично биле наменети за сите јавни установи и институции, како и за лекторатите и библиотеките во земјава и странство.
Текстот Се бара одговорност за илјадниците примероци од правописот кои со години скапувале во несоодветни услови е превземен од МАКФАКС.