Од ДУИ реагираат дека градежните активности на гробиштата во Блаце ја вознемириле јавноста, откако, според официјални податоци, парцелата на која се работи е во сопственост на компанијата „Flamingo Casino“.
Од партијата посочуваат дека доколку се потврди оти на локацијата се гради објект поврзан со игри на среќа, тоа би претставувало, како што велат, „една од најнеодговорните и најнавредливи одлуки“ кон чувствата на граѓаните.
„Гробиштата се места на сеќавање, мир и достоинство, а не простор за комерцијален профит или индустрија на игри на среќа“, се наведува во соопштението.
ДУИ оценува дека ваквата ситуација отвора пошироко прашање за односот на институциите кон јавниот интерес и чувствителните зони, потенцирајќи дека ова прашање ја надминува дневната политика.
Од партијата бараат надлежните институции веднаш да ја објават точната намена на објектот и целокупната документација, да ги запрат градежните работи сè до целосно разјаснување на случајот, како и да се испита како е дозволена ваква дејност во близина на гробишта.
Дополнително, од ДУИ прашуваат зошто Владата го повлекла законот со кој се најавуваше отстранување на објекти за игри на среќа од близина на училиштата и другите чувствителни зони, оценувајќи дека актуелната ситуација дополнително ја отвора оваа дилема.
Текстот Се испитува дали коцкарница се гради кај гробиштата во Блаце, велат од ДУИ е превземен од МАКФАКС.






