СЗО: Придобивките од откажувањето од пушење се речиси моментални

пред 3 години

На Светскиот ден без тутун, кој се одбележува секоја година на 31 мај, Светската здравствена организација укажува на штетните последици од употребата на тутун и од пасивната изложеност на чадот од тутунските производи, и советува да не се употребува тутун во каква било форма. Во согласност со темата „Заложба за откажување од пушење”, овогодинешната кампања на СЗО по повод Светскиот ден без тутун става акцент на тоа колку е важно на пушачите да им се обезбедат алатките и ресурсите што им се потребни за да се обидат да се откажат од пушење и да успеат во таквиот свој обид.

„Откажувањето од тутунот не е лесно, особено со дополнителниот социјален и економски стрес што го предизвика пандемијата. Сепак, откажувањето од пушење е поважно од било кога затоа што најновите докази покажуваат дека луѓето кои пушат се под поголем ризик од заболување од тешка форма на КОВИД-19 и смрт од истата”, вели д-р Елена Ќосевска, специјалист по социјална медицина и јавно здравје во Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија.

Тутунот е значаен фактор на ризик за заболување од незаразни болести како што се кардиоваскуларните, малигните и респираторните заболувања и дијабетот. Придобивките од откажувањето од пушење се речиси моментални. Така, пулсот паѓа по само 20 минути од откажувањето. Во рок од 12 часа, нивото на јаглерод моноксид во крвта се намалува до нормална вредност.

Во рок од 2-12 недели, се подобрува циркулацијата и се зголемува функцијата на белите дробови. Во рок од 1-9 месеци, се намалуваат проблемите со кашлање и отежнато дишење. Во рок од 5-15 години, ризикот од мозочен удар се намалува на вредност карактеристична за непушач. Во рок од 10 години, стапката на смртност од рак на белите дробови е околу половина од таа кај пушачите. Во рок од 15 години, ризикот од срцево заболување е како и кај непушачите.

Корисниците на тутун имаат за 84% поголеми изгледи успешно да се откажат од пушење тогаш кога добиваат интензивни совети од лекар.

Со цел да им помогне на корисниците на тутун да престанат да пушат, СЗО употребува нови дигитални алатки како што е Флоренс – првиот емпатичен дигитален здравствен работник на СЗО. Флоренс е систем за поддршка заснован на вештачка интелигенција кој имитира здравствен работник што се бори против дезинформациите околу КОВИД-19 и тутунот, обезбедува кратки совети за корисниците на тутун во функција на нивно откажување од пушење и ги упатува кон дигиталните услуги за откажување од пушење.

Други ресурси за откажување од пушење, препорачани од СЗО, може да најдете на оваа адреса:
https://www.who.int/campaigns/world-no-tobacco-day/world-no-tobacco-day-2021/quitting-toolkit.

Share
Scroll to Top