Сиљановска-Давкова: „Вељо Манчевски“ е вреднување на посебниот духовен, образовен и хуман придонес

Сиљановска-Давкова: „Вељо Манчевски“ е вреднување на посебниот духовен, образовен и хуман придонес

пред 4 часа

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на церемонијата на доделувањето на признанието „Вељо Манчевски“, именувано по првиот верски референт во 1943 година.

Во својство на покровителка, таа им честиташе на добитниците, оценувајќи дека нивниот труд, ангажман и успех претставуваат пример на извонредност, на општествена одговорност и посветеност на заедничкото добро.

За неа, признанието „ Вељо Манчевски“ е институционално препознавање и вреднување на посебниот духовен, образовен и хуман придонес на поединци, здруженија и организации во македонското општество.

„Во забрзано дигитално време, геополитички тензии и општа неизвесност, постои насушна потреба од личности со ум, знаење, дигнитет, интегритет, достоинство и храброст кои ќе ни помогнат да го сочувуваме физичкото и ментално здравје, да не го изгубиме човечкиот пат и да чекориме по вистинскиот“, рече претседателката.

Сиљановска-Давкова ја потенцираше важната улога на верските великодостоинственици, како духовни водачи, но и на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи како почитуван посредник и мост меѓу нив!

Претседателката укажа дека традицијата на соживот и меѓусебно уважување на граѓаните од различна верска или етничка припадност, е битен фактор на кохезијата на македонското општество.

Годинава, признанието „Вељо Манчевски“ го добија: Берта Романо-Николиќ, од Еврејската заедница за промовирање на македонскиот модел на соживот и демократија, протојереј Гоце Костов, за промоција на вистински христијански вредности, проф. д-р Шинази Мемеди од Исламската верска заедница, за афирмација на исламската култура и цивилизација и Дијаконија Македонија – Мис Стон Центар од Евангелско-методистичка црква. Признанието „Вељо Манчевски“ за животно дело му припадна на проф. д-р Ацо Гиревски, од Македонската православна црква.

Текстот Сиљановска-Давкова: „Вељо Манчевски“ е вреднување на посебниот духовен, образовен и хуман придонес е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top