Сиљановска-Давкова и Хачатурјан најавија ново поглавје во односите меѓу Македонија и Ерменија

Сиљановска-Давкова и Хачатурјан најавија ново поглавје во односите меѓу Македонија и Ерменија

пред 56 минути

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Ереван оствари средба со претседателот на Република Еременија, Вахан Хачатурјан, на којашто обајцата изразија подготвеност за продлабочување на пријателските односи и унапредување на соработката.

Ерменскиот претседател се заблагодари за посетата и учеството на Сиљановска-Давкова на 8.Самит на Европската политичка заедница. Тој истакна дека е голема чест, иако не се земја-членка на Европската Унија, да бидат домаќини на овој настан.

Во денешната прва билатерална средба двајцата претседатели препознаваат почеток на ново поглавје во меѓусебните односи и можности за конкретна соработка.

Сиљановска-Давкова се заблагодари за гостопримството и организацијата на Самитот, оценувајќи дека Европската политичка заедница постепено се афирмира како значајна платформа за европско единство, дијалог и координација во соочувањето со заедничките предизвици.

Претседателите се согласија дека визните олеснувања и директните авионски врски би придонеле за унапредување на економската соработка и трговската размена во иднина, коишто се на ниско ниво.

Областите во коишто препознаваат можности за отпочнување на соработка се: информатичките технологии и дигиталните услуги, земјоделството, прехранбената и фармацевтската индустрија, туризмот, како и секторите базирани на иновации и знаење.

Тие укажаа на потребата од склучување билатерални договори и поттикнување на директни контакти меѓу бизнис-заедниците, преку организирање бизнис-форуми.

За Сиљановска-Давкова, за зближување на двата народа особено се важни: културната дипломатија, образовната и академска соработка, како и студентската размена преку програмата Еразмус плус, во којашто обете држави учествуваат.

Таа ја истакна улогата на ерменската заедница во земјава, којашто е малубројна, но угледна и почитувана.

Претседателката го поддржа продлабочувањето на соработката на Ерменија со Европската Унија, напорите за усогласување со европските политики и стандарди, како и посветеноста на реформите, особено на владеење на правото.

Хачатурјан посака успех на македонскиот пат кон ЕУ.

Двајцата претседатели упатија меѓусебни покани за официјални државни посети во иднина.

Текстот Сиљановска-Давкова и Хачатурјан најавија ново поглавје во односите меѓу Македонија и Ерменија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top