Сиљановска-Давкова по новиот инцидент на трибините: Селективната осуда е лицемерие

Сиљановска-Давкова по новиот инцидент на трибините: Селективната осуда е лицемерие

пред 2 дена

По новите националистички скандирања на спортските трибини, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со јавна реакција на социјалните мрежи. Таа порача дека сцените од синоќешниот натпревар меѓу Шкендија и Карабах се реприза на неодамнешната кумановска трагедија и предупреди дека селективното реагирање на вандализмот води кон лицемерие и цинизам.

„Сеопштата осуда на навивачкиот примитивизам на сите ни влеа надеж за цврста решеност за справување со овој неспортски феномен. Но, хипокризија и цинизам е селективното реагирање на неспортскиот вандализам. Само со заедничка, доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици, без оглед чии се, ќе градиме здраво општество“, напиша таа.

Фејсбук статусот следи по уште еден спортски настан на кој, наместо фер плеј, доминираа националистички скандирања, меѓу кои и повици за „Голема Албанија“, „Чамерија“ и „Илирида“. Иако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) апелираше за спортско навивање и воздржаност од провокации, дел од навивачите на натпреварот Шкендија – Карабах упатија навреди што предизвика осуди и реакции од јавноста.

Министерството за внатрешни работи информира дека веќе е започната постапка за идентификација на учесниците во инцидентот:

„Постапуваме врз основа на обезбедена видео и фото-документација. Со јавниот обвинител координираме следни чекори со цел целосно расчистување на случајот“, информираа од СВР Скопје.

Од Основното јавно обвинителство Скопје потврдија дека постапуваат во координација со МВР.

Дополнително загрижи фактот што натпреварот беше следен од повеќе високи функционери од власта и опозицијата, меѓу кои и вицепремиерот Изет Меџити, претседателот на Собранието Африм Гаши, но и лидери на опозициски партии – Али Ахмети и Арбен Таравари.

Гаши, кој пред три дена остро ги осуди сличните скандирања во Куманово, овој пат преку Фејсбук упати честитка до навивачите, нарекувајќи ги „достоинствен пример за националните вредности“.

Хелсиншкиот комитет реагираше дека говорот на омраза не смее да се игнорира и побара од МВР и надлежните институции итно и неселективно да го применат законот.

Спортските натпревари сè почесто стануваат место каде доминира говорот на омраза, а не спортскиот дух. Обвинителството веќе води постапка за националистичките повици на натпреварот во Куманово на 2 август.

Текстот Сиљановска-Давкова по новиот инцидент на трибините: Селективната осуда е лицемерие е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top