Скопското Кале ќе прерасне во жива културна сцена на градот, најави Ѓорѓиевски

Скопското Кале ќе прерасне во жива културна сцена на градот, најави Ѓорѓиевски

пред 5 часа

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши работна посета и детален увид на локалитетот Скопско Кале, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, проф. д-р Драги Митревски и претставник од Управата за заштита на културното наследство, со цел целосно согледување на актуелната состојба и утврдување на реалните можности за негово понатамошно отворање и ставање во активна културна функција.

Во рамки на посетата беше нагласена јасната определба на Град Скопје за внимателно, стручно и одговорно приспособување на просторот, со цел Скопското Кале да прерасне во жива културна сцена достапна за граѓаните, уметниците и посетителите, при целосно почитување на историските слоеви, автентичноста и културното наследство.

„Скопското Кале ќе биде жива културна сцена на градот. Како градоначалник на Град Скопје, имам јасна и недвосмислена цел која подразбира целосно отворање на просторот на Скопското Кале, негово внимателно, стручно и одговорно приспособување, и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, со апсолутно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство“, вели Ѓорѓиевски.

Низ светот, додава тој,  постојат бројни позитивни примери каде објекти со силна историска и симболична вредност се целосно интегрирани во современиот културен живот како сцени за театар, музика, изложби и современи уметнички перформанси.

„Тие се живи простори во кои се води постојан дијалог меѓу античкото наследство, османлискиот период и современите уметнички изрази. Токму ваквиот пристап овозможува не само заштита, туку и активна, смислена интерпретација на културното наследство. Просторот добива нова, современа културна улога во служба на граѓаните, уметниците и посетителите на нашиот град. Скопското Кале е еден од најзначајните културно-историски симболи на Скопје. Тоа е сведок на нашата цивилизациска историја и нашата колективна меморија.
Неговата реафирмација е јавен интерес и обврска кон идните генерации, да им оставиме град кој го почитува минатото, а храбро ја гради својата културна иднина“, вели градоначалникот.

Текстот Скопското Кале ќе прерасне во жива културна сцена на градот, најави Ѓорѓиевски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top