Културно информативен центар – Скопје забрзано навлегува во сите пори на градското културно живеење. Културниот аспект веќе ги покажува своите резултати преку годишната програма која започна со својата реализација во Центарот. Она кое ќе биде новина во работата на Културно информативниот центар – Скопје е враќањето и на информативниот карактер на установата што ќе го воспоставиме преку издавање на првиот електронски градски културен магазин, насловен „Скопје култ“, вашиот водич за сите културните случувања во градските културни установи во Скопје!, информираат надлежните.
Појаснуваат дека првиот број на „Скопје култ“ е издание за месеците април-мај 2022 година, во формат на колор-издание, кое ќе излегува како двомесечник, во електронска форма, а ќе може да се преземе бесплатно на социјалните мрежи на КИЦ, а во моментов е достапен на следниов линк.
„Скопје култ“ ќе донесува преглед на културните настани во градот, како и авторски статии, за да се разбуди интересот за културата и уметноста, а културните вредности да се доближат до целата градска средина.
„Скопје култ“ настана како резултат на идејата дека Скопје заслужува магазин што ќе го издигне квалитетот на културниот живот и има намера да прерасне во задолжително четиво на урбаната пoпулација, се посочува во информацијата.
Во тековната 2022 година се предвидени пет броја, 4 двомесечни и еден декемвриски, како специјално ретроспективно идание.