Скопје се простува од чичко Драги од Рекорд: Почина Драган Пароски, човекот со тезгата со шнолички и огромно срце

Скопје се простува од чичко Драги од Рекорд: Почина Драган Пароски, човекот со тезгата со шнолички и огромно срце

пред 2 часа

Скопје се простува од уште едно препознатливо лице од центарот на градот – Драган Пароски, познат како чичко Драги од Рекорд, човекот кој со години стоеше зад својата мала тезга со шноли и стегачи, но кој многумина го паметат и по неговата добрина, хуманоста, топлите разговори со минувачите и грижата за бездомните кучиња.

Пароски почина вчера на 72-годишна возраст, по подолго боледување. На 6 февруари на својот фејсбук-профил им се заблагодари на граѓаните за донациите и напиша: „Ветувам дека од болница ќе излезам посилен“.

Поради здравствените проблеми тој не можел да зборува, па со луѓето што доаѓале кај неговата тезга се разбирал пишувајќи.

Со емотивна порака на социјалните мрежи од него се прости и скопјанката Тина Алексовска, која голем дел од животот живеела во зградите спроти Рекорд и го познавала со години.

„Почивај во мир чичко Драги Пароски.

Бев дете, можеби 3-4 години, се подигав на прсти на балконот од нашиот стан на Рекорд и секогаш вниманието ми го земаше тезгата на чичко Драги која беше во пролазот каде што е сега Министерство за правда…

Кога ќе дојдеше сонцето до тезгата, сите ланчиња светкаа. Во тоа време чичко Драги продаваше многу убави работи…

А со него имаше една многу убава плава девојка со која потоа се разделија.

Секое поминување покрај неговата тезга тој ни даваше ластичиња за коса во разни бои, а потоа и шнолички. Се лутеше кога му остававме пари.

Годините си поминуваа тој остана сам на Рекорд, имаше денови кога трчав да видам дали му е добро…

Пред некоја година во најголемиот снег ми кажаа дека е на операција на ‘Уво, нос и грло’, земав такси и го побарав…

Право налетав на докторот кој го познавам и ми ја покажа собата на чичко Драги. Тој кога ме виде почна да плаче, почна да ми покажува со раце дека го оперирале и дека повеќе не може да збори…

Поминуваа годините со ливчиња се разбиравме, ми пишуваше што му треба… а потоа јас заминав во Германија.

Во последно време му помагаа добрите луѓе, за кучињата, гулабите, па и за него.

Денес ми јавија дека починал. Не издржа човекот кој цел живот го помина на Рекорд.

Навистина сè е суета, а животот е сенка и сон, та напразно толку се потресува секој човек роден на земјава, како што вели Св. Писмо: ‘Кога светот ќе го придобиеме, тогаш во гроб ќе се вселиме, кај што се заедно царевите и сиромасите’. Затоа Христе Боже, починатиот раб Твој чичко Драги упокој го како човекољубец…“

Таа упати и сочувство до неговото семејство.

Текстот Скопје се простува од чичко Драги од Рекорд: Почина Драган Пароски, човекот со тезгата со шнолички и огромно срце е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top