Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители

Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители

пред 5 часа

Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.

„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.

Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.

Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.

Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.

 

Текстот Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top