Службеник од Прилеп фатен како зема поткуп

Службеник од Прилеп фатен како зема поткуп

пред 3 часа

Службеник вработен во прилепскиот Центар за вработување побарал поткуп од 18.000 денари за да му помогне на жител од селото Бело Поле да не ја изгуби социјалната помош, како и неговата сопруга да ја стави на листата на лица што бараат работа.

Полицијата го фатила вчера, кога му биле предавани последните 6.000 денари од поткупот.

Откако оштетениот и неговата сопруга, корисници на социјална помош, на 23 април добиле СМС-порака од Агенцијата да се јават на обука за работа, осомничениот му рекол дека доколку ја одбие обуката ќе му биде укината социјалната помош. За тоа да не се случи, побарал од него да му дава половина од социјалниот надоместок, односно по 6.000 денари месечно.

Исто така, осомничениот му ветил дека ќе ја евидентира неговата сопруга во електронскиот систем на Агенцијата како активен барател на работа, иако таа немала контролен картон и не го доставувала во Центарот на увид – соопшти Обвинителството.

Следниот ден, оштетениот во канцеларијата му однел 4.000 денари, а потоа уште 2.000 денари и продолжил месечно да му исплаќа. При предавањето на последниот износ од 6.000 денари на 24 јули, полициските службеници ги пронашле и одзеле банкнотите од осомничениот, по што тој веднаш бил приведен.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп доставил предлог за определување мерка притвор. Осомничениот се гони за кривично дело „примање поткуп“.

Текстот Службеник од Прилеп фатен како зема поткуп е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top