Собранието ги изгласа измените на законите за градење и градежно земјиште

Собранието ги изгласа измените на законите за градење и градежно земјиште

пред 2 часа

На предлог на Министерството за транспорт, пратениците во Собранието денеска ги изгласаа измените на Законот за градење и Законот за градежно земјиште.

Од Министерството соопштија дека со измените се поттикнува економскиот развој на државата и општините, се овозможуваат поквалитетни услуги за граѓаните и порационално користење на јавните добра.

Со измените на Законот за градежно земјиште, за првпат се овозможува јасен увид во линиската инфраструктура во државата, како што се оптичките кабли, телекомуникациските мрежи, водоводните и канализационите системи, гасоводите и нафтоводите. Ова треба да овозможи нивно впишување во евиденцијата во Катастарот на инфраструктурни градби при Агенцијата за катастар на недвижности.

Дополнително, со измените се овозможува општините да располагаат со градежно земјиште предвидено со урбанистички план за технолошко-индустриски зони, со цел да се поттикне економскиот развој и да се олесни реализацијата на инвестициските планови на домашните компании.

Измените предвидуваат и усогласување на Законот за градежно земјиште со Законот за урбанистичко планирање.

Во делот на Законот за градење, се подобруваат условите за регулирање на имотно-правниот статус на базните станици на телекомуникациските компании, со што, како што наведуваат од Министерството, ќе се овозможат поквалитетни и поефикасни телекомуникациски услуги за граѓаните.

Со измените се воведува и професионален пристап и се подигнува нивото на квалитет на техничкиот преглед на градбите од прва категорија, соопшти Министерството за транспорт.

Текстот Собранието ги изгласа измените на законите за градење и градежно земјиште е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top