Групата сопственици на градежните парцели – Треска соопшти дека стечајните работници од поранешната фабрика кои бараат исплата на придонесите во период од 18 месеци и исплата на заостанати плати за период од две години, немаат никаква врска со имотот на фабриката.
„Ние сопствениците на приватни парцели на имотот кај поранешната фабрика „Треска“ сакаме да ја потсетиме јавноста дека нема никаков имот во стечајната маса на „Треска“, ниту ние сме купиле имот од оваа стечајна маса. Оттука, категорично ги отфрламе тезите дека стечајните работници имаат било каква поврзаност со имотот на фабриката и дека ние како нејзини сопственици имаме обврска да ги исплатиме нивните долгови“, велат тие.
Како што потсетуваат, за локацијата се водеше 20 годишен судски спор по кој најголемиот дел од имотот, 92 отсто му припадна на едно лице по пат на денационализација, додека само 8 отсто влегоа во стечајната маса, од која беа обесштетени дел од вработените. Велат дека исплата на средства и стаж добиле само вработените во „Треска мебел“, додека оние кои работеле во останатите седум друштва на фирмата „Треска“ не добиле никакви средства. Причината за ова, тврдат сопствениците, лежи во тоа што друштвата биле формирани од „Треска мебел“, но без никаков имот.
Групата сопственици на градежните парцели – Треска ги упати стечајните работници да ги побараат одговорите од институциите и стечајниот управник кој ја извршил продажбата на оваа некогашна индустриска сила.