Средба Ковачевски-Кундурос: Силна поддршка од Грција за почеток на преговорите со ЕУ во најскоро време

пред 2 години

Премиерот Димитар Ковачевски, се сретна со Русос Кундурос, амбасадор на Република Грција во нашата држава.

На состанокот се изразени честитки за изборот на премиерот Ковачевски и новата Влада и е констатирано дека има услови за натамошно унапредување на односите меѓу двете држави, како во областа на енергетиката и економијата, така и во сите други области од значење за граѓаните.

Пренесена е и силна и недвосмислена поддршка од Грција и премиерот Кирјакос Мицотакис, за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ во најскоро време.

Оценето е дека европските интеграции на Западен Балкан се придонес во регионалната стабилност, можност за имплементација на европските стандарди во државите, а со тоа и развој на регионот, што се гледа како придобивка за сите.

„Премиерот Ковачевски се заблагодари на амбасадорот Кундурос за поддршката од грчкиот премиер и од Хеленската Република за напредокот на Република Северна Македонија во евроинтеграциите, по членството во НАТО“, соопштија владините служби.

„Решавањето на политичките прашања помеѓу Северна Македонија и Грција со Договорот од Преспа, отвори простор за развој на економските односи. Како држава, учествуваме во енергетскиот проект Александропули, трговската размена со Грција е добра и тоа се само некои показатели дека односите меѓу државите се одвиваат во позитивен правец и во таа насока и ја продожуваме соработката“, рече премиерот Ковачевски.

На средбата е разговарано и за други актуелни прашања од значење за двете држави.

Share
Scroll to Top