Прва институција која ќе ја блокираат работниците како продолжение на протестот за 600 евра минимална плата и зголемување од 100 евра на сите останати плати е Собранието. Блокадите ќе почнат следната недела, а деталите околу блокадите Синдикатот ќе ги објави по средба со владин претставник во понеделник. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов јавно повика владин претставник да дојде во ССМ и да го потпише колективниот договор со кој не во 2028 туку во 2026 година ќе ги покачи за 40 % платите, по обвинувањето дека ССМ одбиле толкаво зголемување на платите на работниците за две години.
Претседателот Трендафилов објасни дека одлучиле првата блокада да биде на Собранието оти пратениците цела година го чуваат законот во фиока и не сакаат да ги зголемат платите на работниците.
„ Ќе мора да одат пешки за почеток, како што работниците одат пешки на работа. Или ќе треба да дојдат со јавниот градски превоз, како што одат на работа работниците. И дента нема да можат да наплатат патни трошоци. Ќе побараме од претседателот на Собранието да не информира кој пратеник за тој ден побарал патни трошоци. Ќе ги удриме по џебот. Онаму каде што не удираат нас работниците цела година, пред да им ја намалиме платата. Ќе ги чекаме да ги поздравиме дека треба да гласаат, да ги потсетиме дека таму се заради нас и дека ние сме ги бирале“, рече претседателот Трендафилов.
Блокирањето ќе биде следната недела за да им се остави простор на властите да ја покачат минималната плата.
„Зошто наредната недела? Затоа што имаат време да се соберат, онака сложно како што сложно сега молчат за нивните плати кои ќе се зголемат, еве гувернерот на Народна банка кажа за 9,2% затоа што порастот на просечната плата е 9,2%. Да го поздравам и него затоа што и неговата плата ќе се зголеми за повеќе од 300 евра. И кога коментирате за работниците и за тоа како треба да им се зголемат работничките плати излезете на улица и погледнете ги во очи. Ако не искористете ги медиумите од прилозите кои ги прават затоа што луѓето ви кажуваат дека тешко се живее. Срам да им е“, рече претседателот Трендафилов.
Тој и денес нагласи дека протестот не е политички организиран, ниту пак организиран за да ѝ се наштети на Владата туку дека работниците се обединија околу сиромаштијата, околу мизерните плати и околу борбата за достоинствен живот.
Им се заблагодари на работниците за масовната поддршка и јавно кажа дека притисоци да не излезат на протестот имало во Македонски пошти, тутунски комбинат Прилеп, во СОНК Делчево, а најави дека листата ќе ја дополни откога синдикалните организации ќе му достават информации.
Доколку и по блокирањето не се покачи минималнат аплата, ССМ веќе работи на подготовка на генерален штрјак.
Текстот ССМ следната недела ќе го блокира Собранието: Пратениците ќе мораат на работа пеш и без патни трошоци, ќе ги удриме по џебот како тие нас е превземен од МАКФАКС.





