Станковиќ: Ребалансот на Буџет е развоен, во делот на капиталните инвестиции ќе продолжиме со изградба и развој на државата

Станковиќ: Ребалансот на Буџет е развоен, во делот на капиталните инвестиции ќе продолжиме со изградба и развој на државата

пред 6 часа

Малиша Станковиќ, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната собраниска комисиска расправа, имаше свое излагање по однос на ребаланс на Буџет, потенцирајќи дека преку ребалансот се разгледува состојбата на буџетот, колку се реализирало од предвидените проекции, како и корекции каде што има потреба.

„Она додека го носевме буџетот што беше како клучна поента на она што ние го зборувавме како пратеници од владејачкото мнозинство и она што го зборуваше Министерството за финансии, Владата како предлагач, во споредба со она што го кажуваше опозицијата е следно: Ние тогаш тврдевме дека Буџетот е развоен, тврдевме дека се предвидени рекордни капитални инвестиции во буџетот, зборувавме дека економскиот раст ќе се движи од 3,8%, дека се предвидени повеќе пари за пензии, плати, поддршка на компаниите и слично, меѓутоа и дека се предвидени исто така средства за враќање на долговите коишто беа наследени од претходниот период. Она што опозицијата го зборуваше како контра аргумент во тие периоди беше дека буџетот е неразвоен, дека економскиот раст нема да се оствари, дека капиталните инвестиции нема да се остварат и дека ќе дојдеме до тоа со наредниот ребаланс повторно да одземаме од капиталните инвестиции и да ставиме на други ставки, пред сè на ставката на трансферите“, истакна Станковиќ.

Станковиќ посочи дека во делот на приходите се забележува раст за 5,7%, додавајќи дека зголемувањето е во даноци на приход – 6,3%, придонеси – 6,4% и други неданочни приходи од 12,4%.

„Поминаа првите шест месеци, во делот на приходите, приходите се зголемија за 5,7%, односно реализацијата на приходи предвидена во овој временски период. Зголемувањето е во даноци на приход, 6,3%, придонесите од 6,4% и другите неданочни приходи од 12,4%. Тоа е она во коешто го имаме остварувањето“, рече пратеникот Станковиќ и додаде:

„Имаме намалување кај акцизата. Зошто е намалувањето кај акцизата? Бидејќи се преземаа адекватни мерки за намалувањето на акцизата, за да се спречи оној економски, односно финансиски шок кај граѓаните, бидејќи ние мора да кажеме дека во изминатиот период се соочивме со навистина глобална, економска, односно енергетска криза којашто се одрази негативно врз економијата. Мерките коишто ги презема Владата, меѓу другото, намалувањето на акцизите за 4 денари на нафтените производи, резултираше со намалување на прибирање на средства на делот на акцизите за 6,5%“.

Станковиќ посочи дека во изминатите шест месеци индустријата, градежништвото и земјоделието бележат раст.

„Дополнително, изминатите шест месеци, индустријата бележи пораст за 0,8%, од овие 0,8% мора да кажеме дека индустријата ќе бележи и понатамошен тренд на пораст, пред сè земајќи го последниот месец каде што е забележан пораст од 7,4%. Градежништвото бележи пораст од 7,2%, услугите од 3,6% и земјоделието од 2,9%“, кажа Станковиќ. Во овој период, спротивно на најавите од опозицијата, не само што се исплаќаа пензиите, туку се зголемија за 1.000 денари, линеарно по барање на самите пензионери, по барање на самите граѓани на Република Македонија“, рече Станковиќ и додаде:

„Вратен е долгот од 700 милиони евра којшто го наследивме од претходното владеење. 700 милиони евра долг е вратен. Дополнително, опозицијата остави 50 милиони евра коишто моравме да ги вратиме на име солидарен данок. Потпишани се колективни договори со преостанатиот дел од администрацијата, повторно спротивно на тврдењето на опозицијата дека платите нема да се зголемат. Решен е еден проблем којшто ни беше оставен веќе подолг временски период“.

Станковиќ нагласи дека во делот на капиталните инвестиции, во првите шест месеци нивната реализација е зголемена за 53%, во споредба со минатата 2025 година.

Станковиќ истакна дека со ребалансот во делот на приходната страна, приходите се зголемуваат за 4,5 милијарди, односно од 374,9 милијарди денари, се зголемува на 379,5 милијарди денари.

„Во делот на приходите, се зголемуваат приходите за 4,5 милијарди, односно од 374,9 милијарди денари, се зголемува на 379,5 милијарди денари. Процентуално се работи за зголемување од 1,2%. Зголемувањето се должи на неданочните приходи, бидејќи ќе значи консолидирање на буџетот. Во тој дел имаме зголемување на приходна страна“, рече Станковиќ.

„Во делот на расходната страна, расходите се наменски во интерес на граѓаните се планираат зголемување на плати и пензии, кои ќе се зголемат за 2,1%, за зголемување на субвенции и трансфери, во делот на земјоделие, железницата, ученички стандард и слично во овој дел учествува со 10,4%“, истакна Станковиќ.

Станковиќ потенцираше дела кога се зборува дали буџетот е развоен, се гледа во делот на капиталните инвестиции, додавајќи дека државата ќе продолжи со изградба и со развој на државата во интерес на граѓаните.

„Ако опозицијата тврдеше дека се работи за неразвоен буџет и дека ние ќе дојдеме во состојба од капиталните инвестиции со ребаланс да кратиме, не само што не се остварија нивните предвидувања туку ние дојдовме во состојба да префрлиме дополнителни средства да префрлиме токму во капиталните инвестиции. И кога се зборува дали буџетот бил развоен, пред сè се гледа во делот на капиталните инвестиции. И ако сме тргнале ние со огромна реализација на средствата од буџетот во капиталните инвестиции сега имаме потреба со дополнителни средства во капиталните инвестиции да се продолжи со изградбата, со развојот на државата“, заврши Станковиќ.

Текстот Станковиќ: Ребалансот на Буџет е развоен, во делот на капиталните инвестиции ќе продолжиме со изградба и развој на државата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top