Сузбиен меѓународен канал за шверц на дрога во вредност од 707 илјади евра, требало да заврши во Турција

Сузбиен меѓународен канал за шверц на дрога во вредност од 707 илјади евра, требало да заврши во Турција

пред 1 година

Запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана во заедничка акција на Царинската управа и Бирото за јавна безбедност. Со акцијата е спречен меѓународен канал за шверц на дрога. Две лица се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Ова го истакнаа директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, во изјава за медиумите на граничниот премин Богородица.

„Царинската управа влезе во трага и спречи меѓународен канал за шверц на дрога. Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност на граничниот премин Богородица запленети се 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана, која требало да заврши во Турција.

Случајот го следиме подолго време, што на крајот успешно резултира со откривање на криминалната мрежа, која требало да оперира во неколку држави“, истакна Николовски.

Сторителите на кривичното дело, двајца возачи, едниот од Тетово, а другиот од Кумановско, на 8 февруари влегуваат на Блаце со камион и на 9 февруари едниот од нив го презема камионот и од место меѓу Куманово и Паланка оди кон Богородица. На Богородица е извршена детаљна контрола на камионот, при што помеѓу компресирана рециклирана хартија во четири бали е пронајдена дрогата. Проценетата вредност на дрогата, информира Николовски, на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, порача дека криминалното мочуриште во државата повеќе нема да го има.

„Заедничката акција, која траеше неколку дена, покажува дека заеднички можеме во интерес на граѓаните. Криминалното мочуриште што го имаме во државата повеќе нема да го има. Ова не е место за нив. Заеднички координирано со Царинската управа координирано работиме во неколку области. Мора да бидеме координирани. Заедно покажуваме дека можеме да работиме силно и успешно за заеднички успеси и превенција на криминалот. Нема место за криминал. Македонија мора да биде на ниво на напредните држави. Системот и законите мора да владеат. Ги сузбиваме криминалот и корупцијата на сите нивоа“, истакна директорот Јанев.

Случајот, како што беше истакнато од страна на директорите, е резултат на зајакнатата соработка и добро координирани акции на царинските и полициските службеници.

Текстот Сузбиен меѓународен канал за шверц на дрога во вредност од 707 илјади евра, требало да заврши во Турција е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top