„Тиквеш“: Поединци манипулираа со квалитетот на грозјето

пред 3 години

Винарницата „Тиквеш“ беше доведена во ситуација привремено да го прекине откупот на грозјето, иако е единствената винарница во земјава која оваа година дефинираше највисока цена, ја почитуваше договорената цена за откуп на вранецот и смедеревката, факт кој јавно го потврдија и актуелниот градоначалник на Кавадарци и претставникот на здружението на лозарите, соопшти компанијата.

„ Ваквиот прекин беше предизвикан од неколкумина поединци кои на крајно некоректен и насилнички начин го блокираа влезот на винарницата и со тоа им попречија на над 200 вистински лозари кои денеска беше планирано да го предадат своето грозје во „Тиквеш“. За да биде ситуацијата уште поапсурдна, поединците кои насилно и на највулгарен начин го блокираа влезот во винарницата и притоа нанесоа материјална штета, всушност се обиделе да манипулираат со квалитетот на грозјето кое имале намера да го предадат во „Тиквеш“, се додава во соопштението.

Според компанијта, грозјето што овие поединци сакале да го предадат за откуп било со многу понизок квалитет и воопшто не одговарало на мострите кои претходно ги презентирале, со што при стручната проценка на квалитетот е утврдено дека ова грозје немало соодветни карактеристики за да може од него да се произведе вино или дестилат, а со тоа не можело да ја постигне цената која тие ја очекувале.

Од „Тиквеш“ посочуваат дека како општествено одговорна компанија гарантираат дека од својата страна и понатаму ќе продолжат доследно да ги почитуваат сите преземени договорни обврски кон лозарите, но истовремено истото го очекуваат и од своите партнери.

Share
Scroll to Top