Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави информации и препораки за препознавање, превенција и заштита од сексуално преносливи инфекции, со апел до граѓаните да се грижат за своето сексуално и општо здравје.
Од ИЈЗ посочуваат дека дел од инфекциите може да не предизвикуваат симптоми, но сепак да се пренесуваат и да доведат до сериозни здравствени последици доколку не се откријат и лекуваат навреме. Како клучни мерки ги издвојуваат правилната употреба на кондом, редовното тестирање, вакцинацијата против ХПВ и хепатит Б и навремената консултација со здравствен работник при појава на симптоми.
Што се сексуално преносливи инфекции?
Сексуално преносливите инфекции (СПИ) се инфекции кои најчесто се пренесуваат преку незаштитен сексуален контакт (вагинален, анален или орален). Тие можат да бидат предизвикани од бактерии, вируси или други микроорганизми.
Некои СПИ предизвикуваат јасни симптоми, додека други можат долго време да поминат незабележано. Лице кое нема симптоми сепак може да ја пренесе инфекцијата на сексуалниот партнер.
Нелекуваните СПИ можат да доведат до сериозни здравствени последици, вклучително воспаленија на репродуктивните органи, проблеми со плодноста, компликации во бременоста и зголемен ризик од одредени видови рак.
Навременото тестирање, правилното лекување и превентивните мерки се најдобар начин за заштита.
ХПВ (Хуман папилома вирус)
Што е ХПВ?
Хуман папилома вирусот (ХПВ) е една од најчестите сексуално преносливи инфекции. Постојат повеќе од 100 различни типови на ХПВ. Дел од нив предизвикуваат генитални брадавици, а одредени високоризични типови можат да предизвикаат клеточни промени кои, доколку не се следат и третираат, може да доведат до појава на рак.
ХПВ е најчесто поврзан со рак на грлото на матката, но може да биде поврзан и со други карциноми, вклучително карциноми на анусот, пенисот и пределот на устата и грлото.
Како се пренесува?
ХПВ најчесто се пренесува преку:
сексуален контакт со заразено лице;
контакт кожа на кожа во гениталната област;
поретко преку други интимни контакти.
Инфекцијата може да се пренесе и кога заразеното лице нема видливи симптоми.
Симптоми
Најчесто нема симптоми. Кај некои лица може да се појават:
генитални брадавици;
промени откриени при гинеколошки преглед или ПАП тест.
Превенција
вакцинација против ХПВ;
редовни гинеколошки прегледи и скрининг за рак на грлото на матката;
користење кондом (го намалува ризикот, но не обезбедува целосна заштита);
информираност и одговорно сексуално однесување.
ХЛАМИДИЈА
Што е хламидија?
Хламидијата е бактериска сексуално пренослива инфекција предизвикана од бактеријата Chlamydia trachomatis. Таа е една од најчестите бактериски СПИ, особено кај младите лица.
Често се нарекува „тивка инфекција“ бидејќи многу заразени лица немаат симптоми.
Како се пренесува?
Се пренесува преку:
незаштитен сексуален однос;
контакт со заразени генитални секрети;
од мајка на новороденче при породување.
Симптоми
Кај жените може да предизвика:
зголемен вагинален исцедок;
болка при мокрење;
болка во долниот дел од стомакот;
крварење помеѓу менструации.
Кај мажите може да предизвика:
исцедок од пенисот;
печење при мокрење;
болка или оток во пределот на тестисите.
Компликации
Нелекуваната инфекција може да доведе до:
воспаление на карличните органи;
неплодност;
зголемен ризик од вонматерична бременост.
Превенција
користење кондом;
тестирање кај лица со ризик;
навремено лекување;
лекување на сексуалните партнери за спречување повторна инфекција.
ГОНОРЕЈА
Што е гонореја?
Гонорејата е бактериска инфекција предизвикана од Neisseria gonorrhoeae. Може да ги зафати гениталните органи, ректумот и грлото.
Во последните години се зголемува проблемот со отпорноста на бактеријата кон антибиотици, поради што е особено важно лекувањето да биде спроведено според препорака од лекар.
Како се пренесува?
преку незаштитен сексуален контакт;
преку контакт со заразени секрети;
од мајка на дете при породување.
Симптоми
Може да се јават:
гноен или жолтеникав исцедок;
печење при мокрење;
болка во долниот дел од стомакот;
болка или воспаление во пределот на тестисите.
Кај многу лица инфекцијата може да нема симптоми.
Компликации
Без лекување може да предизвика:
воспаление на репродуктивните органи;
проблеми со плодноста;
ширење на инфекцијата во други делови од телото.
Превенција
употреба на кондом;
тестирање;
навремено лекување;
избегнување самолекување со антибиотици.
СИФИЛИС
Што е сифилис?
Сифилисот е бактериска сексуално пренослива инфекција предизвикана од бактеријата Treponema pallidum. Болеста може да се развива низ повеќе фази и доколку не се открие и лекува навреме, може да предизвика сериозни здравствени последици.
Сифилисот е инфекција која може успешно да се лекува со соодветна антибиотска терапија, особено кога ќе се открие во раните фази.
Како се пренесува?
Сифилисот најчесто се пренесува преку:
незаштитен сексуален контакт;
директен контакт со промени на кожата или слузниците кај заразено лице;
од мајка на дете за време на бременост (вроден сифилис).
Симптоми
Симптомите зависат од фазата на болеста.
Прва фаза:
појава на безболна раничка или промена на местото каде навлегла инфекцијата;
зголемени лимфни јазли.
Втора фаза:
осип по кожата, често и на дланките и стапалата;
замор;
покачена температура;
зголемени лимфни јазли.
Подоцнежни фази:
Доколку не се лекува, инфекцијата може да предизвика оштетување на нервниот систем, срцето и други органи.
Превенција
користење кондом при сексуални односи;
редовно тестирање кај лица со зголемен ризик;
рано откривање и лекување;
тестирање во бременост според препораките на здравствените работници;
лекување на сексуалните партнери кога е потребно.
ХИВ (Вирус на хумана имунодефициенција)
Што е ХИВ?
ХИВ (Human Immunodeficiency Virus) е вирус кој го напаѓа имунолошкиот систем, односно природната одбрана на организмот против инфекции.
Без лекување, ХИВ може постепено да го ослабне имунитетот и да доведе до развој на СИДА (синдром на стекнат недостаток на имунитет). Денес, благодарение на современата антиретровирусна терапија, лицата со ХИВ можат да имаат долг и квалитетен живот.
Раното откривање и започнување терапија се од големо значење.
Како се пренесува?
ХИВ може да се пренесе преку:
незаштитен сексуален контакт со заразено лице;
контакт со заразена крв;
користење заеднички игли или друг прибор кај лица кои инјектираат дроги;
од мајка на дете за време на бременост, породување или доење, доколку не се применат соодветни мерки.
ХИВ не се пренесува преку:
ракување, гушкање или секојдневен контакт;
користење ист прибор за јадење;
кашлање или кивање;
престој во ист простор со лице кое живее со ХИВ.
Симптоми
Во раната фаза може да се појават симптоми слични на грип:
температура;
замор;
болки во мускулите;
зголемени лимфни јазли;
осип.
Потоа инфекцијата може долго време да нема симптоми.
Превенција
користење кондом;
редовно тестирање за ХИВ;
користење стерилен прибор при медицински и други процедури;
користење само проверена крв за трансфузија;
превентивни и терапевтски мерки според препораки од здравствени работници.
ГЕНИТАЛЕН ХЕРПЕС
Што е генитален херпес?
Гениталниот херпес е вирусна инфекција најчесто предизвикана од херпес симплекс вирус тип 2 (HSV-2), но може да биде предизвикана и од HSV-1.
Вирусот останува присутен во организмот и може повторно да се активира. Терапијата може да помогне во намалување на симптомите и времетраењето на активните епизоди.
Како се пренесува?
Се пренесува преку:
директен контакт со кожа или слузница на заразено лице;
сексуален контакт, вклучително и кога нема видливи промени;
контакт со активни промени предизвикани од вирусот.
Симптоми
Некои лица немаат симптоми. Кај други може да се појават:
болни промени или меурчиња во гениталната област;
чешање или печење;
болка при мокрење;
непријатност во пределот на гениталиите;
општа слабост и покачена температура при прва инфекција.
Превенција
користење кондом (го намалува ризикот);
избегнување сексуален контакт при појава на активни промени;
информирање на партнерот;
консултација со лекар за соодветна терапија.
ХЕПАТИТ Б
Што е хепатит Б?
Хепатит Б е вирусна инфекција предизвикана од вирусот на хепатит Б (HBV), која го зафаќа црниот дроб.
Инфекцијата може да биде краткотрајна (акутна) или да премине во хронична форма. Кај дел од лицата со хроничен хепатит Б може да се развијат сериозни заболувања на црниот дроб.
Како се пренесува?
Вирусот се пренесува преку:
сексуален контакт со заразено лице;
контакт со заразена крв;
користење заеднички игли или прибор кој може да биде контаминиран;
од заразена мајка на новороденче.
Симптоми
Многу лица немаат симптоми. Кога се појавуваат, може да вклучуваат:
замор;
губење апетит;
мачнина;
болка во стомакот;
потемнета урина;
жолта пребоеност на кожата и очите.
Компликации
Хроничниот хепатит Б може да доведе до:
цироза на црниот дроб;
намалена функција на црниот дроб;
зголемен ризик за рак на црниот дроб.
Превенција
вакцинација против хепатит Б (најефикасна мерка за заштита);
користење кондом;
користење стерилен медицински прибор;
избегнување делење лични предмети кои можат да бидат контаминирани со крв (на пример жилети).
ОПШТИ ПРЕПОРАКИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА СЕКСУАЛНО ПРЕНОСЛИВИ ИНФЕКЦИИ
Сексуалното здравје е важен дел од целокупното здравје. За намалување на ризикот од СПИ се препорачува:
Користење кондом при сексуални односи – правилната употреба значително го намалува ризикот од повеќето СПИ.Редовно тестирање – особено кај лица кои имаат нови или повеќе сексуални партнери или сомневање за изложеност.
Навремена посета на лекар при појава на симптоми како:
· необичен исцедок;
· печење при мокрење;
· болка во гениталната област;
· појава на промени на кожата или слузниците.
Не користете антибиотици или други лекови без препорака од лекар. Неправилното лекување може да доведе до компликации и отпорност на лековите.
ü Вакцинација – постојат ефикасни вакцини против:
· ХПВ;
· хепатит Б.
ü Отворена комуникација со партнерот и одговорно сексуално однесување.
Запомнете:
СПИ може да му се случат на секого. Раното откривање, правилното лекување и превенцијата се најдобар начин за заштита на сопственото здравје и здравјето на другите.
Текстот Уживајте во летото, но грижете се за здравјето: ИЈЗ со препораки за сексуално преносливите инфекции е превземен од МАКФАКС.





