УКИМ: Обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата

пред 4 години

Обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата, сметаат од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

„Kако продолжувач на традицијата на сесловенските просветитeли и како најголем и најстар универзитет во македонската држава, во чии организациски единици се истражуваат, се проучуваат, се негуваат и се афирмираат македонскиот јазик, македонската историја и македонското културно и духовно наследство, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ изјавува дека ги поддржува стратешките напори на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ и се придружува и ја поддржува Промеморијата на МАНУ за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ“, се наведува во соопштението.

Универзитетот ги повикува Владата и сите чинители во евроинтеграциските процеси да ги почитуваат достигањата на македонските научни работници од областа на хуманистичките, општествените и културолошките науки, како и сознанијата на светската славистика, лингвистика и современа историска наука, според кои македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен, и временски континуитет; македонскиот јазик е посебен јазик од групата на јужнословенските јазици, кој се изучува на универзитетски центри во целиот свет; македонскиот идентитет е изграден врз колективното сеќавање и врз свеста за традицијата, културата, етнокултурната, политичката и јазичната засебност на македонскиот народ; процесот на формирање на македонскиот народ и македонската нација во ништо не се разликува од соодветните процеси кај другите балкански народи и нации; формирањето на еден народ не е и не може да биде последица на административен акт; и создавањето на македонската држава е заедничка придобивка од долготрајната борба на македонскиот народ и сите други етнички заедници; ова историско тежнеење доживеало кулминација во антифашистичката војна, поради што македонската државност е заснована врз антифашистички начела.

Оттука, велат од УКИМ, обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата.

Share
Scroll to Top