УНИЦЕФ основа Бизнис советодавен одбор во земјата

УНИЦЕФ основа Бизнис советодавен одбор во земјата

пред 1 час

УНИЦЕФ основа Бизнис советодавен одбор (Business Advisory Council – BAC) во Северна Македонија, обединувајќи истакнати претставници од бизнис заедницата кои се посветени на унапредување на правата и благосостојбата на децата преку одговорни деловни практики, иновации, застапување и партнерства.

Одборот го сочинуваат Неби Хоџа (Oxa Group), Ирена Јакимовска (Комфи Ангел), Горан Марковиќ (Македонски Телеком), Живко Мукаетов (Алкалоид), Иван Штериев (Македонска берза) и Марјонка Велјановска (Фармахем) кои учествуваат во лично својство. Заедно, тие ќе ги искористат својата стручност и влијание за да го зајакнат ангажманот на бизнис секторот во поддршка на децата и да препознаат можности за подобрување на условите за децата и семејствата.

„Секое дете заслужува еднаква можност да учи, да расте и да го достигне својот целосен потенцијал. За остварување на оваа визија е потребно лидерство од сите сегменти на општеството, вклучувајќи ја и бизнис заедницата. Исклучително сум благодарна на членовите на Бизнис советодавниот одбор на УНИЦЕФ што го вложуваат своето знаење, искуство и ентузијазам во оваа заедничка цел“, изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија.

„Она што најмногу ме инспирира не е само нивната лична посветеност на правата на децата, туку и нивната подготвеност да ги поттикнат и мобилизираат и другите. Првиот состанок го означува почетокот на важна соработка која има потенцијал значително да ги подобри животите на децата.“

Бизнис советодавниот одбор е платформа формирана од УНИЦЕФ која го поврзува лидерството во приватниот сектор со мисијата на УНИЦЕФ за децата. Членовите доброволно ги вложуваат своето време и експертиза за унапредување на правата на децата, промовирање на одговорни деловни практики, подигнување на свеста за прашањата што ги засегаат децата и поддршка на партнерства што создаваат заедничка вредност за децата, заедниците и компаниите.

Образованието и грижата во раното детство беа идентификувани како прва област за заедничко дејствување на одборот, имајќи ја предвид нивната клучна улога во поддршката на развојот на децата, овозможувањето поголемо учество на жените на пазарот на труд, намалувањето на меѓугенерациската сиромаштија и нееднаквост и поставувањето темели за долгорочен економски просперитет. УНИЦЕФ и одборот ќе истражуваат иновативни партнерства што можат да помогнат повеќе деца, особено најранливите, да го добијат најдобриот можен почеток во животот.

Со обединување на влијателни лидери од приватниот сектор, одборот има за цел да ја искористи моќта на бизнис заедницата за да придонесе секое дете во Северна Македонија да преживее, да напредува и да го оствари својот целосен потенцијал.

Текстот УНИЦЕФ основа Бизнис советодавен одбор во земјата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top