Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје врши проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу „ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ“ Скопје и повеќе физички лица, соопштија од оваа институција.
„Во рамките на предистражната постапка, а по претходно обезбедени наредби од надлежните судови, во текот на денешниот ден беше извршен претрес кај повеќе физички лица на територија на Град Скопје и Делчево, меѓу кои вработени лица во „ЕВН ЕЛЕКТРАНИ ДООЕЛ“ Скопје и „ЕВН МАКЕДОНИЈА АД“ Скопје, а со цел пронаоѓање на докази во насока на ефикасно водење на предистражната постапка и докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела“, информира Управата.
Додаваат дека целосно ги демантираат и отфрлаат изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома, ниту пак пак кај некој друг претставник на политичка партија.
„Предистражната постапка се однесува на вработени лица во „ЕВН ЕЛЕКТРАНИ MAKЕДОНИЈА ДООЕЛ“ Скопје и „ЕВН МАКЕДОНИЈА АД“ Скопје“, потенцираат од таму.
Апелираат Управата за финансиска полиција да не се злоупотребува за политички цели.