Учество на пратеничката Василевска на состанок на Постојаниот комитет на ПССЕ во Малта

Учество на пратеничката Василевска на состанок на Постојаниот комитет на ПССЕ во Малта

пред 14 часа

Пратеничката Иванка Василевска, во својство на заменик член на Делегацијата во Парламентарното собрание на Советот на Европа, учествува во работата на Постојаниот комитет, кој на 23 мај се одржува во Валета, Малта.

Состанокот, на кој учествуваат околу 60 пратеници од 46-те земји-членки, го обележува почетокот на шестмесечното претседателство на Малта со Комитетот на Министрите на Советот на Европа.

Состанокот го отвори претседателот на ПС на СЕ, Теодорос Русопулос, по што следеше поздравен говор од Анџело Фаруџа, претседател на Претставничкиот дом на Малта. Пратениците имаа можност да разменат мислења и со Јан Борг, вицепремиер и министер за надворешни работи и туризам, кои ги претстави приоритеите на малтешкото претседателство: подобрувањето на заштитата на децата и промовирањето на нивните најдобри интереси, потоа борбата против насилството и дискриминацијата и заштитата на човековото достоинство, како и зајакнување на улогата на младите и заштитата на демократијата и владеењето на правото. Тој нагласи дека Малта претседава со Организацијата по четврти пат во нејзината историја и овојпат тоа се случува во годината кога државата ја слави својата 60-годишнина како полноправна членка на Советот на Европа, како и кога се одбележува 75 годишнината од Европската конвенција за човекови права, како прв обврзувачки меѓународен договор што ги вградува правата артикулирани во Универзалната декларација за човекови права и инструмент за заштитата на основните права и слободи на над 700 милиони луѓе на европскиот континент.

Постојаниот комитет усвои мислење за Нацртот на Третиот дополнителен протокол кон Европската конвенција за меѓусебна помош во кривичните прашања, ажурирајќи го постојниот договор што им овозможува на државите да соработуваат во борбата против криминалот. Исто така, се дебатираше и за извештајот за трошоците на Парламентарното собрание за периодот 2026-2027 година.

На состанокот се одржа и тркалезна маса за улогата на пратениците во активното јакнење на младите луѓе, на која беа разгледани начините како парламентите низ Европа можат да им помогнат на младите луѓе да имаат поголем глас во одлуките што ја обликуваат нивната иднина.

Пред почетокот на состанокот, Иванка Василевска учествуваше во работата на групата на Жените на ПС на СЕ – неполитичка, меѓупартиска, неформална платформа отворена за сите пратенички на Парламентарното собрание – на која беше поканета и поранешната претседателка на Малта, Мари-Луиз Колеиро Прека, која исто така беше пратеничка на ПС на СЕ од 2008 до 2013 година. На средбата се дискутираше и беа разменти мислења за поголема вклученост на младите во политиката, за зајакната грижа за децата и поголема родова рамноправност.

Постојаниот комитет дејствува во име на Собранието помеѓу две пленарни сесии и во неговата работа учествуваат претседателот и потпретседателите на Парламентарното собрание, претседателите на вкупно пет политички групи, шефовите на 46 те национални делегации и претседателите на деветте комисии на Асемблејата.

Текстот Учество на пратеничката Василевска на состанок на Постојаниот комитет на ПССЕ во Малта е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top