На централниот настан по повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, истакна дека 13 август 2001 година не е само значаен датум во современата историја на Северна Македонија, туку момент кој го промени текот на државата и им даде можност на илјадници семејства повторно да размислуваат за иднината.
Во својот говор, Ферати истакна дека некои денови остануваат запишани во календарот, а други остануваат запишани во животите на луѓето, оценувајќи го 13 август како еден од тие денови.
„Не само затоа што беше потпишан еден договор. Туку затоа што илјадници семејства повторно добија можност да размислуваат за утрешниот ден“, рече Ферати.
Тој својот говор го изгради околу симболичната слика на едно дете родено во август 2001 година, кое денес има 25 години.
„Денес, тој или таа има 25 години. Не ги памети деновите кога стравот беше посилен од надежта. Не ги памети долгите преговори кои ја обликуваа судбината на земјата. Не ја памети неизвесноста со која оваа земја се будеше секое утро“, истакна министерот.
Според Ферати, токму тука се наоѓа најголемото значење на одлуката донесена пред 25 години – најголемата победа на секој мир не е тој да остане запишан во документи, туку новите генерации да немаат потреба да се сеќаваат зошто тој мир бил неопходен.
Ферати истакна дека Охридскиот рамковен договор не треба да се гледа само како документ архивиран во минатото, туку како договор кој продолжува да има влијание врз животот на граѓаните.
„Постојат договори кои завршуваат во архивите. И постојат договори кои продолжуваат да живеат во животите на луѓето. Охридскиот рамковен договор му припаѓа на вториот вид“, рече тој.
Според него, договорот не бил совршен и не ги решил сите проблеми, но во еден од најтешките моменти во историјата на земјата, ѝ овозможил на Северна Македонија и на нејзините граѓани повторно да ја изберат иднината.
Осврнувајќи се на основните принципи на договорот, Ферати истакна дека отфрлањето на насилството и изборот на мирни политички решенија претставуваат одлука со цивилизациски карактер.
„Ниту една победа нема вредност ако нејзината цена е човечки живот. Дијалогот, колку и да е тежок, секогаш вреди повеќе од тишината што ја носи оружјето. А иднината секогаш вреди повеќе од поделбата“, порача Ферати.
Значаен дел од говорот на Ферати беше посветен на европската перспектива на земјата. Тој рече дека Европа не е само дестинација кон која патува Северна Македонија, туку и начин на живот и стандард кој треба да се изгради во самата земја.
„Европа е начин на живот. Начин на живот во кој граѓаните се почитуваат. Во кој правдата се заштитува. Во кој достоинството не зависи од името што го носите, јазикот што го зборувате или местото каде што сте родени“, истакна министерот.
Ферати нагласи дека европската интеграција не треба да се разбира само како институционален процес, туку и како промена во начинот на кој граѓаните и институциите се однесуваат едни кон други.
„Европа нема да дојде во Северна Македонија само преку еден потпис. Таа ќе дојде преку начинот на кој се однесуваме едни кон други“, рече тој.
Според Ферати, јазичните, културните и етничките разлики не се пречка за државата доколку се гради доверба.
„Кога се гради доверба, различните јазици повеќе не се граници. Тие стануваат мостови“, порача министерот.
Зборувајќи за одговорноста на денешната генерација, Ферати го постави прашањето што ќе им биде оставено на генерациите што доаѓаат.
Тој истакна дека претходните генерации оставиле идеали, државност, независност и мир, додека денешната генерација треба да гради доверба, функционални институции, правда и можности за младите.
„Нашата задача бара не помалку храброст. Бара еден поинаков вид храброст. Храброст да се гради доверба. Во институциите. Во правдата. Во зборот што го даваме. И, пред сè, едни во други“, рече Ферати.
Текстот Ферати: 25 години по Охридскиот договор, наша задача е мирот да го претвориме во доверба, а довербата во подобра иднина е превземен од МАКФАКС.





